четврток, 5 март 2026

Лавров: Не може само постапките на Иран да бидат неприфатливи кога САД и Израел го прават истото

Војната која Западот ја води против Русија повеќе не е хибридна, туку стана директна и „жешка“, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на тркалезна маса за решавање на конфликтот во Украина. Тој исто така предупреди дека Северноатлантската алијанса се вклучува во војната која Соединетите Американски Држави и Израел ја почнаа против Иран, пишува ТАСС.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Западот со почнувањето на конфликтот преку Украина сакаше распад на Русија, тврди Лавров. „Целта на војната против Русија, која Западот ја подготви и на крајот ја почна преку украинскиот режим, е да ја ослабне нашата земја и да ѝ нанесе стратегиски пораз. Постојат сите причини да се верува дека зад неа лежи крајната желба да се уништи нашата земја“, кажа тој.

Според него, Западот ја подготвил Украина да стане антируска. „Таа стана ударната игла на хибридната војна на Западот, но неодамна стана не само хибридна, туку и директна, „жешка“ војна на Западот против Руската Федерација“, додаде тој.

Лавров верува дека Европската Унија веќе го „надминала“ НАТО во својата антитурска политика. „И во својата решеност да го милитаризира и наостри своето оружје против нашата земја, таа не е помалку упорна од Северноатлантската алијанса“, кажа шефот на руската дипломатија.

Тој потврди дека, дури и сега, кога „специјалната воена операција’ докажа дека плановите на Западот да ја победи Русија нема да се материјализираат, „тврдоглавите Европејци во Брисел, Лондон, Париз и Берлин инсистираат дека вратата на НАТО мора да остане отворена“.

Зборувајќи за Блискиот Исток, Лавров оцени дека една од целите на американската и израелската операција е да „забијат клин“ меѓу земјите во регионот, особено меѓу Иран и неговите арапски соседи, меѓу кои процесот на нормализација на односите беше забележлив до неодамна. Тој верува дека Западот во регионот дејствува според принципот „раздели, раскарај па владеј“.

„Сите оние кои страдаат од агресијата на САД и Израел се наши стратегиски партнери“, рече тој, најавувајќи дека Русија ќе соработува со други мирни членови на меѓународната заедница за да ги запре непријателствата.

Тој предупреди дека НАТО се вклучува во војната која САД и Израел ја започнаа против Иран. „Господин (генералниот секретар на НАТО Марк) Руте дава доста силни изјави. Тој кажа: „НАТО е подготвен да ја употреби клаузулата за колективна одбрана во американската операција против Иран“, беше цитиран Лавров. „Неговите изјави значат: драги членови на меѓународната заедница, знајте дека интересите на НАТО се таму каде што ние ви кажуваме дека се“.

Тој потсети дека преговорите меѓу САД и Иран беа блиску до успех во јуни 2025 година, но беа прекинати поради, како што рече, „првиот чин на агресија против Исламската Република Иран“, што, тврди тој, се случува повторно сега. „Ние се залагаме за итен прекин на агресијата“, кажа Лавров, повикувајќи на мораториум на нападите кои предизвикуваат цивилни жртви.

„Политички, многу е спорно што добива Иран од ова. Всушност, токму спротивното. Сепак, не можеме да ја прифатиме логиката според која потезите на Иран се неприфатливи, додека сè што прават САД и Израел е надвор од секаква дискусија“, додаде тој. Тој ги критикуваше монархиите од Заливот за тоа што не ги осудуваат постапките на САД и Израел, како и убиството на девојчињата во нападот врз иранското училиште.

Тој изјави дека логиката на американската акција е да се „докрајчи“ сегашниот режим во Иран и повика на „заедничко прекинување“ на непријателствата, споменувајќи можна резолуција на Советот за безбедност на ОН. Тој ја оцени улогата на Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА) во конфликтот како „не баш јасна“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ