Пораката на Лавров е објавена на Телеграм и е продолжение на честите тврдења на Кремљ дека западната воена и финансиска помош за Украина претставува директна непријателска акција против Русија.
Изјавата доаѓа во време кога се пријавуваат нови упади на руски беспилотни летала и авиони во воздушниот простор на членките на НАТО, но без какви било докази. Алијансата во вторникот ѝ се закани на Москва дека е подготвена да брани „секој сантиметар од територијата“ откако Естонија минатата недела пријави нарушување на нејзиниот воздушен простор.
Сличен инцидент се случи претходно овој месец во Полска, кога околу 20 беспилотни летала влегоа во полскиот воздушен простор. Оваа недела, Данска пријави повеќе беспилотни летала во близина на критична инфраструктура, додека руски амфибиски десантен брод бил забележан во близина на нејзиниот брег.
Вчера Кремљ реагираше на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој ја нарече Русија „хартиен тигар“ и кажа дека рускиот претседател Владимир Путин „ги цени неговите напори за решавање на војната во Украина“.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков кажа дека Русија е повеќе мечка отколку тигар, и додаде: „Не постои такво нешто како хартиена мечка“. Коментирајќи ја изјавата на Трамп дека Украина би можела да ја врати целата окупирана територија под своја контрола, Песков кажа дека „руските сили напредуваат на сите фронтови во Украина“, додавајќи дека „динамиката на војната е очигледна“.
Песков, исто така, коментираше за можноста за средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, велејќи дека „средба меѓу двајцата без соодветна подготовка би било маркетиншко шоу осудено на неуспех“.
Трамп претходно кажа дека земјите-членки на НАТО треба да ги соборуваат руските авиони што го нарушуваат нивниот воздушен простор. Тој, исто така, рече дека верува оти Украина, со поддршка на Европската Унија и НАТО, може да ја врати целата територија што Русија ја освои од почетокот на инвазијата, откако долго време тврдеше дека Киев ќе мора да се откаже од дел од својата територија за да се стави крај на војната.






