Лавров ја опиша Куба како „братска нација“ на почетокот од разговорите со Родригез. Се очекува кубанскиот министер подоцна денес да разговара со претседателот Владимир Путин.
„Заедно со мнозинството членови на меѓународната заедница, ги повикуваме САД да покажат здрав разум и одговорност и да се воздржат од планови за поморска блокада на островот на слободата“, кажа Лавров. „Категорично ги отфрламе неоснованите обвинувања против Русија и Куба, како и нашата соработка која наводно претставува закана за интересите на САД или на кој било друг“, додаде тој.
Русија соопшти дека прави сè што може за да ѝ помогне на Куба да ги надмине напорите на САД да го лишат островот од нафта, но беше претпазлива во кажувањето како го прави тоа. Амбасадорот на Москва во Куба неодамна изјави дека „претпоставува“ дека Русија ќе продолжи да ја снабдува Куба со нафта.
Лавров кажа дека сите разлики меѓу Вашингтон и Хавана треба да се решат преку „дијалог полн со меѓусебно почитување“ и рече дека Куба е подготвена за „искрени преговори“.
Државниот секретар на САД Марко Рубио одржа тајни разговори со внукот на поранешниот кубански претседател Раул Кастро, објави денес Аксиос, повикувајќи се на луѓе запознаени со ова прашање.
„Не би го нарекол тоа толку „преговори“, колку „дискусии“ за иднината“, објави Аксиос изјава на висок функционер од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, мислејќи на разговорите меѓу Рубио и Раул Гилермо Родригез Кастро, внукот на Раул Кастро.
Ројтерс не можел веднаш да ги потврди тврдењата, а Стејт департментот не одговорил на барањето за коментар за случајот.






