„Тоа треба да се случи порано“, рече Браже во интервју на маргините на безбедносниот форум во Аспен. Таа рече дека нема смисла да му се дава повеќе време на рускиот претседател Владимир Путин додека руските сили продолжуваат да извршуваат напади, објави Политико.
Латвија, членка на НАТО и верен сојузник на Украина, се граничи директно со Русија и Белорусија – што ја става во ризична позиција ако војната во Украина се прошири надвор од сегашните граници. Латвија издвојува 3,15 проценти од својот БДП за НАТО, а досега ѝ дала на Украина помош во вредност од 2 проценти од својот предвоен БДП.
Браже ја поздрави најавата на Трамп од понеделникот дека САД ќе испратат оружје во Украина и ќе воведат секундарни тарифи до 100 проценти за земјите што продолжуваат да тргуваат со Русија ако Москва не се согласи на мировен договор во рок од 50 дена.
Но, таа предупреди дека Русија сè уште има можност да ја продолжи војната уште „некое време“ и рече дека Западот мора веднаш да го зголеми притисокот врз Москва за да ја принуди да преговара. Воведувањето санкции без одложување би бил начинот да се постигне ова.
„САД и нивните сојузници мора јасно да ѝ дадат до знаење на Русија дека со секој ден нема да ѝ биде подобро, туку полошо“, рече таа. „Веќе можеме и да го видиме тоа – руската економија не стои добро“.
Кога го прашаа зошто би му дал на Путин два месеци да се согласи со неговите барања, Трамп во вторникот одговори дека може да дејствува и побрзо. „Не мислам дека 50 дена е толку долго. Може да биде и порано“, рече Трамп.
Браже верува дека санкциите би можеле да имаат вистинско влијание врз воената состојба.
„Она што го сакаме е да го зголемиме притисокот врз Русија и да ја ослабнеме нејзината способност да води војна. Не станува збор за рускиот народ“, рече таа. „Станува збор за воената способност на Русија и она што го прават на бојното поле, сето тоа треба да се ослабне“.
Разузнавачките проценки генерално заклучуваат дека Путин не е заинтересиран за завршување на војната, додаде таа. Американската разузнавачка служба дојде до тој заклучок претходно оваа година, додека преговорите се одолговлекуваа.
„Разузнавачкиот и општиот заклучок е конзистентен меѓу сојузниците, вклучувајќи ги и Американците, и нема индикации дека Путин сака мир“, рече таа.
Трамп, според нејзино мислење, дошол до истиот заклучок откако се обидел да ја држи вратата отворена за Русија. „Беше само прашање на време кога ќе стане јасно дека Путин само ги лаже сите и користи тактики на одложување“, рече таа.
Други западни претставници на конференцијата беа претпазливо оптимисти во врска со промената на тонот на Трамп претходно оваа недела. „Се надеваме дека овој пат тоа е вистинско“, рече Халина Јанченко, пратеничка во украинскиот парламент од партијата Слуги на народот.
„Кога станува збор за Трамп, никогаш не знаете каква ќе биде конечната одлука“, изјави европски претставник за Политико, под услов да остане анонимен поради чувствителноста на темата. „Оваа промена е добредојдена – ако промената е навистина вистинска“.






