петок, 23 јануари 2026
Шефицата на Европската централна банка

Лагард: Хејтери, фала ви, ја туркате Европа напред

Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, упати неочекувана порака до „хејтерите“ на Европа: ви благодарам. Денеска за време на својот говор на Светскиот економски форум, првата жена на чело на централната банка на еврозоната беше прашана дали трансатлантските односи се непоправливо нарушени по неделата во која американскиот претседател Доналд Трамп и високи функционери од неговата администрација постојано ја критикуваа Европа, пишува Политико.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Мислам дека во последните неколку дена слушнавме доста критики на сметка на Европа“, одговори Лагард. „Но, ако ништо друго, тоа беше добро и треба да им се заблагодариме на хејтерите, бидејќи мислам дека нè потсетија дека мора да бидеме пофокусирани“, додаде таа, посебно истакнувајќи ги „иновациите“ и „продуктивноста“.

Во последните денови на самитот во Давос, Трамп изјави дека Европа не оди „во вистинската насока“. Американскиот министер за финансии Скот Бесент ја нарече Данска „небитна“, додека министерот за трговија Хауард Латник ја критикуваше Европа за време на ВИП вечера со европски функционери и деловни лидери. Наводно, тој настан Лагард, која била присутна, го напуштила во знак на протест.

И покрај тензиите, Лагард денеска изрази и оптимизам, детално опишувајќи го своето „многу, многу силно уверување“ дека Европејците и Американците делат слични вредности и дека на крајот мора да се обединат.

„Лично – а ова можеби е мојата емотивна страна, се извинувам поради тоа, ние жените сме склони да бидеме емотивни – мислам дека мора да мислиме на луѓето“, рече таа. „И имам огромна доверба и наклонетост кон американскиот народ и знам дека, на крајот на краиштата, длабоко вкоренетите вредности ќе надвладеат.“

Европските лидери оваа недела забрзано се обидуваа да осмислат одговор на сè понепријателскиот став на американската администрација. Синоќа беше одржан самит на кој се разговараше за противмерки во случај Трамп да ги реализира своите закани за воведување казнени царини за европските земји што се спротивставија на неговата понуда за анексија на Гренланд.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ