четврток, 18 декември 2025

Лаен: Импресивен напредок на Албанија и Црна Гора, другите да се инспирираат од нив

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, изјави синоќа во Брисел дека Албанија и Црна Гора оствариле импресивен напредок во процесот на евроинтеграции, кој треба да ги инспирира останатите партнери од Западен Балкан.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

По самитот на Европската Унија и Западен Балкан, на кој Србија првпат не учествуваше, Фон дер Лаен во писмена изјава наведе дека „проширувањето на Европската Унија, првпат по повеќе од десет години, стана реална можност“.

„Сакам да го пофалам огромниот напредок на Албанија и Црна Гора. Импресивно е она што го постигнаа. Нивниот напредок е импресивен извор на инспирација за останатите партнери од Западен Балкан и испраќа силна порака до светот за привлечноста на европската понуда. Тоа е понуда на солидарност, можности и стабилност. За да ја претвориме таа понуда во реалност, интензивно работиме на постепена интеграција“, наведе Фон дер Лаен.

Таа додаде дека во прилог на тоа е и Планот за раст за Западен Балкан, благодарение на кој земјите од регионот се повеќе интегрирани во Европската Унија отколку кој било партнер во процесот на проширување досега.

„Самото инвестирање не може да генерира одржлив раст. А реформите без ресурси не можат целосно да се спроведат. Затоа Планот за раст ги комбинира двете: реформи за отклучување ресурси и ресурси што ги овозможуваат реформите. Со таа комбинација, регионот добива одредени придобивки од интеграцијата уште пред полноправното членство. Зашто јазот во развојот меѓу Западен Балкан и Европската Унија предолго ги ограничуваше инвестициите, создавањето работни места и можностите. Планот за раст директно се справува со тоа, со шест милијарди евра инвестиции. И сега имаме шест амбициозни реформски агенди“, додаде таа.

Претседателката на Европската комисија истакна дека веќе се гледаат првите конкретни резултати и дека се очекува Западен Балкан следната година да има раст од околу три отсто, што „ја одразува довербата во европската иднина на регионот, влијанието на реформите и придобивките од поблиската економска интеграција со Европската Унија“.

„А ќе има уште. Ги интегрираме нашите партнери во Единствената зона за плаќања во евра (СЕПА). Тоа би можело да им заштеди на претпријатијата и граѓаните до 500 милиони евра годишно. Исто така, заштедуваме време преку нашите ‘зелени ленти’, кои ќе ги зајакнат синџирите на снабдување, ќе ја подобрат логистиката и ќе го скратат времето на транзит до 80 отсто. А со Планот за раст, економијата на регионот може да се удвои во следната деценија“, наведе таа.

Фон дер Лаен додаде дека инвестицискиот план досега мобилизирал 18 милијарди евра, вклучително и шест милијарди евра грантови од Европската Унија, и дека низ целиот регион се реализираат повеќе од 68 проекти за финансирање клучна инфраструктура во транспортот, енергетиката, дигиталната поврзаност и заштитата на животната средина.

„Тие инвестиции го прават регионот поконкурентен и подобро поврзан со Единствениот пазар на Европската Унија. Да ја земеме за пример вештачката интелигенција: воспоставуваме мрежа на фабрики за вештачка интелигенција низ Европската Унија и ги отвораме за Западен Балкан, со ‘антени’ на фабриките за вештачка интелигенција во Србија и Северна Македонија. Тоа ќе им овозможи на компаниите од целиот регион да се поврзат со тие фабрики и да добијат пристап до европската инфраструктура за вештачка интелигенција“, истакна Фон дер Лаен.

Таа наведе дека сето тоа привлекува приватни инвестиции и додаде дека за време на инвестициските конференции на Европската Унија во Албанија и Црна Гора биле обезбедени инвестициски декларации од приватни инвеститори во вредност од повеќе од четири милијарди евра.

Фон дер Лаен изрази задоволство што може да објави дека Европската Унија се движи кон укинување на казнените мерки за Косово, по мирната транзиција на власта во локалните самоуправи на северот по неодамнешните локални избори, наведувајќи дека се планирани 216 милиони евра финансиска помош и дека 205 милиони ќе бидат исплатени во почетокот на следната година.

Таа додаде и дека Заедничкиот регионален пазар е „најбрзиот пат кон конкурентност, најдиректниот мост кон Единствениот пазар на Европската Унија и најјасниот доказ дека регионот може да дејствува како една целина“.

„Резултатите се јасни. Од 2021 година, трговијата во рамките на регионот е удвоена, трговијата со стоки и услуги порасна за 19 отсто, а пократките чекања на границите заштедија повеќе од 20 години време вкупно. Затоа сега е време да ги обновиме напорите и да ја завршиме агендата на Заедничкиот регионален пазар. Замавот за проширување со нашите партнери од Западен Балкан никогаш не бил посилен. Ова е историска можност. Ајде заедно да ја искористиме“, додаде таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ