По повод петгодишнината од апсењето и притворањето на Хашим Тачи, Кадри Весељи, Јакуп Касниќи и Реџеп Сељими, Курти на Фејсбук напиша: „Обвинителството го заврши случајот. Нема повеќе сведоци. Нема никакви правни или морални причини тие да останат во притвор“.
Курти претходно беше критикуван за тоа што јавно не ги поддржувал поранешните водачи на УЧК и затоа што никогаш не ги посетил во Хаг, но денес рече дека работел „тивко и долго“ за нивно ослободување.
„Тоа беше мојата мисла од првиот ден. Долго и напорно работевме на ова прашање, во тишина, бидејќи добрата работа често се прави тивко“, напиша Курти.
На Фејсбук, Курти објави и писмо од 2022 година, пред почетокот на судењето, во кое ја замолува претседателката на Специјализираните совети, Екатерина Трендафилова, да ги ослободи обвинетите.
„Ова го објавувам денес само од една причина: верувам дека е исправно тие да се вратат во своите домови, да бидат со своите семејства и да бидат слободни да ја бранат праведната борба за ослободување на Косово“, изјави Курти.
Тој додаде дека нема одговор на неговото барање.
Во писмо Курти ѝ понуди на Трендафилова гаранции дека косовските власти ќе го следат домашниот притвор на гореспоменатите хашки обвинети.
Постапката пред Хашкиот трибунал е при крај, се очекува сведочењето на уште неколку сведоци на одбраната, вклучувајќи го и поранешниот врховен командант на НАТО Весли Кларк.






