Сето ова косовскиот премиер го кажа во интервју за Ноје Цирхер цајтунг (НЦЦ).
За време на интервјуто за швајцарскиот весник, Курти носел швајцарски рачен часовник, кој потсетува на часовниците на железничките станици во алпската земја. Тоа е, како што вели, подарок од Алан Берсе, генералниот секретар на Советот на Европа и поранешен прв човек на Швајцарија.
Во разговорот Курти ветува инвестиции во железницата (особено од Приштина до аеродромот), зелена енергија и се надева на швајцарска помош во тоа.
Руски „хибридни“ закани
„При формирањето на нашите вооружени сили повеќе се угледуваме на моделот на Шведска или балтичките земји, особено концептот на сеопфатна одбрана. Нивната позиција е јасна – кога имате голем сосед, мора да размислувате поинаку“, вели Курти.
Новинарот на весникот од Цирих претпоставува дека Курти алудира на Србија. „Ќе го кажам ова: Со оглед на заканата, не можеме да си дозволиме хаос. Секој граѓанин во случај на катастрофа или војна мора точно да знае која е неговата улога“.
Косово, вели премиерот, сака да се приклучи на НАТО и ги модернизира вооружените сили во таа насока. На прашањето за „руското влијание во регионот“, тој одговара:
„Штом руското влијание се намали – особено во Србија и Република Српска – регионот ќе се стабилизира. Меѓу шесте балкански земји нема ниту волја ниту можност за меѓудржавно насилство. Но, хибридното руско влијание преку енергијата, војската и медиумите е проблематично. Вистинските промени зависат од демократските сили во Србија“.
Не кој може, туку кој сака
Новинарот забележува дека Европската Унија долго време го „залажува“ регионот со ветување за членство, но Курти забележува нешто друго. Тој вели дека во регионот се случува напредок бидејќи Србија „веќе не може да ја блокира интеграцијата на целиот регион во ЕУ“.
Дојде моментот Западен Балкан да припаѓа на ЕУ, вели Курти, и предлага оригинален пристап.
„Досега Брисел премногу се концентрираше на тоа кој може да биде примен, а помалку на тоа кој сака да биде примен. Од шесте земји од Западен Балкан, мнозинството во пет сака да се приклучат кон ЕУ – со исклучок на Србија. Одлучувачко е дека треба да се поддржи оној што сака да се приклучи“.
Тој додава дека „европските земји веќе немаат луксуз на премногу скептицизам“ кон Косово, со оглед на руската закана за Европа. Тој верува дека Шпанија и Грција, кои не ја признаваат независноста на Косово, до одреден степен го менуваат својот став.
Конечно, во врска со домашните проблеми, Курти за НЦЦ вели дека е потребен „компромис“ со опозицијата за да се избере претседател.
Страв од нови избори
Токму за тие домашни проблеми пишува и германската Католичка новинска агенција (КНА). „И по кризата – криза“, јавува за изборот на претседател на Косово, за кој набљудувачите предупредуваат дека може повторно да се претвори во фарса.
Имено, парламентот треба да избере претседател до следната среда – а ако не успее, повторно се закануваат нови избори, пишува КНА.
Новата влада предводена од Курти ја презеде функцијата пред едвај две недели, по речиси една година управување од техничка влада. Причината, потсетува КНА, беше „политичкиот ќорсокак“ решен само со предвремени избори минатиот декември.
„Тоа ги парализираше институциите и економскиот развој на Косово“, оценува германската агенција. А сега, десет невладини организации во писмо предупредуваат на „вистинската опасност“ ако повторно се одржат предвремени избори.
До среда (4 март) треба да се обезбеди двотретинско мнозинство за избор на нов претседател, па сега невладините организации повикуваат „јавниот интерес да биде над партиската пресметка“, објавува КНА.
„Досега ништо не протече од разговорите кои, според извештаите, Курти ги имал со политичките противници во изминатите неколку дена. Вјоса Османи, актуелната претседателка на државата и партиска колешка на Курти, се смета за непопуларна во опозицијата“, заклучува агенцијата.






