четврток, 26 февруари 2026

Курти: Државите од Балканот ниту сакаат, ниту се способни да војуваат меѓу себе

Премиерот на Косово Аљбин Курти изјави дека Косово е јасно посветено на западната демократија и дека без руското влијание Западен Балкан би се стабилизирал, бидејќи државите од регионот ниту сакаат, ниту се способни да се впуштаат во меѓудржавно насилство.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во интервју за денешното издание на дневниот весник Ноје Цирхер цајтунг (НЦЦ), на прашањето за позицијата на Косово на границата меѓу Западот, Турција и Русија, Курти кажа дека Косово не балансира меѓу Истокот и Западот, дека сака да влезе во Европската Унија и НАТО а дека од Турција, како членка на НАТО, набавува воена опрема како што се дроновите „бајрактар“.

„Што се однесува до Русија, секогаш имавме здрава дистанца едни од други“, кажа Курти. „Во моментот кога ќе се повлече руското влијание, особено во Србија и Република Српска, регионот ќе се стабилизира. Нема ниту волја ниту можност за меѓудржавно насилство во шесте балкански држави“, оцени Курти.

Проблематични се, според него, руските хибридни обиди за вршење влијание преку енергијата, војската и медиумите. „Вистинските промени зависат од демократските сили во Србија“, кажа Курти.

Тој оцени дека „Србија повеќе не може да ја блокира европската интеграција на целиот регион“.

„Веќе не мора да чекаме Србија да се одвои од Русија. Покрај тоа, со Македонија и Албанија, кои веќе се во НАТО, динамиката влегува во целиот процес, а тоа е веќе напредок. Србија повеќе нема право на вето врз целиот регион“, смета Курти.

Курти рече дека времето „е зрело Западен Балкан конечно политички да стане дел од Европа“, но оцени дека „Брисел досега премногу се концентрирал на тоа кој може да биде примен, а помалку на тоа кој сака да се приклучи“.

„Од шесте земји од Западен Балкан, пет сакаат мнозински во ЕУ, а исклучок е Србија. Одлучувачко е: кој сака да стане член, тој треба да биде поддржан“, кажа Курти.

Коментирајќи го фактот дека пет членки на ЕУ сè уште не ја признаваат независноста на Косово, Курти кажа дека некои од тие земји, како што се Шпанија и Грција, се двоумат, но го признаваат Договорот за стабилизација и асоцијација и либерализацијата на визите за Шенген зоната, а Шпанија, во меѓувреме, и косовскиот пасош.

„Со оглед на заканата што Русија ја претставува за Европа, повеќе нема луксуз на прекумерен скептицизам меѓу европските држави“, оцени Курти.

Зборувајќи за убедливата победа што неговото движење Самоопределување ја постигна на парламентарните избори во декември, Курти кажа дека оваа победа значи и посебна одговорност за него и дека неговиот мандат ќе биде знак на безбедност, заштита и инвестиции.

Според него, планот е да се поддржат малите и средни претпријатија со една милијарда евра, преку гаранции и нови работни места, а уште една милијарда ќе биде инвестирана во одбраната на земјата.

„Во овој контекст, ќе создадеме индустриски бази, вклучувајќи фабрика за муниција во Ѓаковица. Планиран е и нов Национален стадион со 8.000 седишта, бидејќи Косово ќе биде домаќин на Медитеранските игри во 2028 година со европски партнери“, кажа Курти.

Тој кажа и дека се спроведува студија за изводливост за гасно поврзување со Европа и дека Косово, иако има големи резерви на јаглен, „долгорочно“ сака да се откаже од употребата на јаглен.

Тој додаде дека гасификацијата е само привремено решение и дека се планира паралелна работа на обновливи извори на енергија и изградба на железнички линии, оценувајќи дека железницата е „зелена и безбедна“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ