вторник, 17 февруари 2026

Курти: Државата, независноста и уставот се нови, но јазикот, културата и народот на Косово се древни

Претседателот на владата на Косово Аљбин Курти денес, на свечената седница на владата, посветена на 18-годишнината од едностраното прогласување независност на Косово, изјави дека државата, независноста и уставот се нови, но дека јазикот, културата и народот на Косово се древни.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Курти ги спомна и поранешните водачи на таканаречената Ослободителна војска на Косово (ОВК) на кои им судат Специјализираните совети во Хаг и кажа дека „прогласувањето за независност не може да се памети без да се споменат оние кои придонеле за изградбата на државата“.

„Нашата земја е изградена и се залага за вредностите на слободата и демократијата, еднаквоста и правдата, просперитетот и инклузијата. Секој граѓанин, без оглед на јазикот, етничката припадност, религијата или потеклото, е еднаков пред законот. Не можеме а да не се сетиме дека претставниците кои учествуваа во прогласувањето на независноста на Републиката беа неправедно притворени денес во Хаг, придонесот на секој од нив кон слободата и независноста е вреден и историјата ќе биде таа што ќе го донесе правилниот суд“, оцени Курти.

На почетокот на новиот мандат на владата Курти кажа дека ги очекуваат многу задачи и дека „целта што ја имаат пред себе е возвишена“.

Тој оцени дека Косово, како држава и општество, постигнало многу во текот на 18 години, а спомна и зајакнување на владеењето на правото, економијата, меѓународните победи во спортот, уметноста и културата, безвизното патување и поднесувањето апликации за членство во Европската Унија и Советот на Европа.

Манифестациите по повод 18 години од прогласувањето на независноста започнаа денес со кревање на косовското знаме на јарболот пред зградата на владата и продолжија со положување цвеќе на споменикот на исчезнатите лица, спомен-плочата на убиените деца и положување цвеќе на гробот на поранешниот претседател Ибрахим Ругов, на гробот на активистот Адем Демаќи и во спомен-комплексот „Адем Јашари“ во Преказ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ