„Оваа одлука е донесена по официјалниот предлог на партијата Движење Самоопределување, која освои најголем број пратенички места во собранието, според резултатите од изборите одржани на 9 февруари оваа година“, соопшти кабинетот на косовската претседателка.
Според уставот, претседателот, во консултација со партијата или коалицијата која има мнозинство во собранието, му го дава мандатот на кандидатот за премиер.
Носителот на мандатот потоа има рок од 15 дена да го презентира составот на владата и да побара тој да биде изгласан од собранието на Косово.
За да биде избран, предложениот претставник мора да обезбеди најмалку 61 од 120-те гласови на пратениците на собранието на Косово.
Во случај да не успее да ја обезбеди поддршката од 61 пратеник, претседателката Османи е должна да ги покани партиите на консултации во рок од десет дена и да одлучи за нов претставник кој има поголеми шанси да формира влада.
Новиот мандатар има дополнителни 15 дена да го достави новиот состав на кабинетот до собранието.
Доколку владата не се формира ниту по вториот обид, претседателката Османи, според уставот, мора да распише нови вонредни избори, кои мора да се одржат во рок од 40 дена.
Движењето Самоопределување, кое освои најмногу гласови на изборите на 9 февруари, има 48 пратеници и се очекува да ја обезбеди поддршката од седум пратеници од малцинските несрпски заедници, како и можноста за вклучување во новата влада на Социјалдемократската иницијатива (НИСМА), која има три пратеници.
Вчера од партијата на Курти соопштија дека ќе ѝ предложат коалиција на партијата Демократски сојуз на Косово, додека лидерот на ДСК Љумир Абџику исто така вчера кажа дека нема да влезат во коалиција со Самоопределување.






