Кога прекинот на струја низ цела Куба влегуваше во вториот ден минатиот викенд, ризикот за Хорхе Перез Алварез нагло се зголеми.
Дваесет и едногодишното момче боледува од генетска болест што ги спречува неговите бели дробови самостојно да вдишуваат воздух. Постојано му е потребен респиратор за да дише.
Резервната батерија на неговиот респиратор треба да трае повеќе од еден ден, но тоа веќе повеќепати беше ставено на тест во последните недели, со трите прекини на струја низ целата земја. А бидејќи струјата секој ден е исклучена со часови, речиси и нема време повторно да се наполни.
„Не знам колку долго можеме да издржиме“, вели неговата мајка, Ксенија Алварез, стоејќи покрај телото на својот син во неговата соба во еден сиромашен кварт на Хавана. „Неговиот живот зависи од струјата.“
Американската нафтена блокада врз Куба брзо ги исцрпува резервите на гориво во земјата, предизвикувајќи секојдневни прекини на струја, недостиг од храна, откажани училишни часови и цени на бензинот на црниот пазар што достигнуваат речиси 40 долари за галон. Таа исто така го парализира универзалниот здравствен систем на Куба – државна институција што некогаш се сметаше за успех на сиромашната земја, а сега се бори да ја обезбеди основната нега.
Во разговорите со Њујорк тајмс, шест кубански лекари рекле дека наглото влошување на условите во болниците и клиниките низ Куба предизвикува смртни случаи што инаку би можеле да се спречат.
„Не можам да ви го кажам точниот број на смртните случаи, но сигурен сум дека ги има повеќе отколку во истиот период лани“, вели д-р Алиот Фернандез, главен анестезиолог во најголемата детска болница во Хавана. „Тоа го гледам при смените, во коментарите на колегите и кај децата во чии операции учествував.“

Поради американските санкции Работничката породилна болница во Хавана веќе беше без доволно лекови и опрема, уште пред недостигот од гориво дополнително да ја усложни негата на бремените жени и новороденчињата.
Апаратите за одржување во живот станаа особено ранлив дел од системот, бидејќи прекините на струја можат да ги исклучат на неколку минути додека не се вклучат резервните генератори.
Последиците од блокадата се шират низ целиот систем. Болниците ги откажуваат операциите и ги праќаат пациентите дома затоа што лекарите и медицинските сестри не можат да стигнат на работа. Клиниките тешко обезбедуваат третмани како хемотерапија и дијализа поради прекините на струја.
Многу амбулантни возила стојат паркирани бидејќи возачите не можат да најдат гориво. Аптеките се речиси празни, бидејќи државата, која е практично банкротирана, се мачи да набави лекови.
Производството на лекови е речиси запрено бидејќи фабриките работат на дизел. Производителите на вакцини бараат состојки затоа што летовите што порано ги носеле се откажани поради недостиг од авионско гориво. А резервите на вакцини што се чуваат во фрижидери наскоро би можеле да се расипат ако прекините продолжат.
„Ова не е суптилно, ова е екстремно“, вели Пол Спигел, експерт за јавно здравје од Универзитетот Џонс Хопкинс. „Веќе гледате како болниците го менуваат начинот на работа.“ Како и во други кризи, вели тој, условите ги принудуваат здравствените работници да вршат тријажа, односно да ги сортираат болните. „Размерот и тоа кој ќе биде погоден ќе зависат од овие ужасни одлуки што мора да ги донесат.“
Блокадата ги влошува проблемите што веќе постоеја во кубанското здравство.
Иако стагнирачката планска економија и повеќедецениската меѓународна изолација создаваат сиромаштија, бесплатниот здравствен систем долго време беше светла точка. Делумно затоа што државата троши околу петтина од буџетот на здравство – двојно повеќе од светскиот просек.
До пандемијата со ковид-19, очекуваниот животен век и смртноста кај доенчињата беа споредливи со развиените земји, додека односот лекар-пациент беше меѓу најдобрите во светот.
Но построгите американски санкции, воведени за време на првата администрација на Трамп, создадоа сериозни проблеми. Тие ги спречија болниците да ја заменат старата опрема, ги отежнаа меѓународните плаќања и логистиката и доведоа до прекин на договорите од страна на американските и европските добавувачи. Економистите проценуваат дека санкциите ја чинеле државата милијарди долари загубен приход.

Заедно со пандемијата и неуспешните економски политики, тоа доведе до длабока рецесија. Државната надеж во туризмот пропадна, вредноста на пезосот беше уништена, а просечната плата падна на околу 13 долари месечно.
Во 2018 година, смртноста кај доенчињата во Куба беше четири на 1.000 раѓања – пониска отколку во САД. До 2025 година, таа се зголеми за повеќе од двапати, достигнувајќи 10 смртни случаи.
Докторката Лилијам Делгадо Перејера, гинеколог во водечка породилна болница, вели дека штетата веќе е очигледна.
Недостигот од антибиотици, лекови и опрема, заедно со недостигот од храна, доведе до повеќе неухранети трудници и новороденчиња. Недостигот од гориво значи дека и персоналот и пациентите тешко стигнуваат до болница, што резултира со понечисти услови, помалку персонал и доцнење при породувањата.
„Примаме многу потешки случаи“, вели таа, додавајќи дека во февруари починале три новороденчиња – најмногу што памети за еден месец.
Владата соопшти дека 96.400 пациенти чекаат операција. Недостигот од гориво ги одложил вакцините за повеќе од 30.000 деца и ја нарушил терапијата за илјадници пациенти.
Лекови исто така има очајнички малку. Во една аптека во Хавана, полиците беа празни, а на вратата стоеше предупредување дека купувањата се строго ограничени, вели ЊТ.
Во детската болница Вилијам Солер владееше необична тишина. Болницата работи со минимален персонал, додека многумина пешачат километри за да стигнат до работа.
Иако владата во однос на струјата им дава приоритет на болниците, тие сепак мораат да се потпираат на генератори за време на прекините.
За време на една операција, кога струјата исчезнала, светлата и апаратите се изгаснале на неколку минути. „Кога сте среде тоа, ви се чини како цел час“, вели докторот.
На други места, медицинскиот персонал рачно пумпа воздух во белите дробови на новороденчињата, бидејќи батериите на апаратите одамна не работат.
Ако горивото целосно исчезне, планот е новороденчињата да се завиткаат во ќебиња и да се стават во нефункционални инкубатори, со надеж дека ќе преживеат.
Последната испорака на нафта во Куба пристигнала на 9 јануари. Сега се чека руски танкер што би можел да пристигне наскоро.
Претседателот Мигел Дијас-Канел предупреди дека електричната мрежа е нестабилна и дека ситуацијата може да се влоши.
Владата поставува соларни панели на клиниките и домовите, но проблемите продолжуваат: недостиг од вода, влошена хигиена и сè потешка достапност на храна.
Некогаш, новите мајки добиваа редовни пакети со храна и лекови. Денес тие се помали и поретки.
Докторката Роксана Мартинез Родригез вели дека пациентите оваа година не добиле млеко ниту додатоци како фолна киселина.
„Платата едвај стигнува за појадок“, вели таа. „Луксуз е да купиш зелка.“
Таа додава дека гледа сè повеќе неухранети бебиња.
Во исто време, бројот на пациентите ѝ се удвоил, бидејќи многу здравствени работници го напуштиле системот или ја напуштиле земјата.
„Имаме исти прекини на струја како сите други, се соочуваме со исти видови недостиг“, вели таа. „И сакале или не, тоа влијае врз вас.“






