„Куба ги осудува и отфрла овие дејства како чин на државен тероризам“, порача Дијаз-Канел.
Мигел Дијаз-Канел претходно го опиша нападот врз Венецуела како „злосторнички напад“ и повика на итен меѓународен одговор.
Во објава на социјалната мрежа Икс Дијаз-Канел кажа дека таканаречената зона на мир на Куба била брутално нападната. Тој ја опиша американската акција како државен тероризам насочен не само кон венецуелскиот народ, туку и пошироко.
#Cuba denuncia y demanda URGENTE reacción de la comunidad internacional contra criminal ataque de E.U a #Venezuela. Nuestra #ZonaDePaz está siendo brutalmente asaltada. Terrorismo de Estado contra el bravo pueblo venezolano y contra Nuestra América.
Patria o Muerte ¡Venceremos!
— Miguel Díaz-Canel Bermúdez (@DiazCanelB) January 3, 2026
Тој ја заврши својата објава со револуционерниот слоган: „Татковина или смрт, ќе победиме“.
Во официјално соопштение објавено од кубанските амбасади низ целиот свет, Хавана соопшти дека го осудува американскиот воен напад врз Венецуела.
Соопштението повикува и на итен одговор од меѓународната заедница и го опишува самиот напад како државен тероризам.
Овој настан претставува сериозна закана за Куба, која задоволува околу 30 отсто од своите веќе оскудни потреби за нафта со увоз од Венецуела. Во замена за нафта, Куба испраќа илјадници свои медицински работници во таа јужноамериканска земја.
Аналитичарите се согласуваат дека губењето на венецуелската нафта би бил катастрофален удар за веќе нестабилната енергетска мрежа и снабдување со енергија на Куба. Во меѓувреме, расте загриженоста кај илјадници Кубанци за судбината на членовите на семејството и пријателите кои работат во Венецуела. Кубанското Министерство за здравство во саботата изјави на Твитер дека сите се „добро заштитени“.
Од друга страна, американскиот претседател Доналд Трамп изјави во интервју за Њујорк пост дека не размислува за дополнителни воени дејствија против Куба.
„Не, Куба ќе падне сама по себе. На Куба ѝ оди многу лошо“, кажа Трамп.
„Куба отсекогаш била многу зависна од Венецуела. Тие добиваа пари од таму и ја штитеа Венецуела, но тоа не помина баш добро во овој случај“, додаде американскиот претседател.
Куба се бори со тешка криза веќе шест години. Според владини податоци, економскиот раст опаднал за најмалку 15 отсто, што довело до недостиг на основни производи, зголемување на инфлацијата, влошување на јавните услуги и чести прекини на електричната енергија.
Кубанската влада во голема мера ја обвинува кризата за построгите санкции на САД воведени за време на првата администрација на Трамп, кои следеа по децениското трговско ембарго.






