четврток, 19 март 2026

Куба во мрак чека „пријателско преземање“

Куба успеа да го поврзе својот електроенергетски систем на голем дел од островот, објави Министерството за енергетика и рударство во вторникот, додека американскиот претседател Доналд Трамп продолжува со својата остра реторика кон комунистичката држава, порачувајќи дека Вашингтон „многу наскоро ќе направи нешто во врска со Куба“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Откако во понеделникот изјави дека може „да прави што сака“ со Куба, Трамп во средата повтори дека земјата е во лоша состојба и дека разговара со американскиот државен секретар Марко Рубио.

Националната електроенергетска мрежа на Куба се урна во понеделникот, оставајќи околу 10 милиони луѓе без струја, поради ембаргото на нафта од Соединетите Американски Држави што дополнително го парализираше веќе застарениот систем за производство на островот.

Застарената електроенергетска мрежа на Куба сериозно се влоши во последните години, што доведе до секојдневни прекини и сè почести прекини на струјата низ целиот остров.

Владата во Хавана ја обвинува и енергетската блокада на САД за своите проблеми, откако Трамп се закани со царини за секоја земја која ѝ продава или испорачува нафта на Куба во јануари. Администрацијата на Трамп бара Куба да ги ослободи политичките затвореници и да се движи кон политичка и економска либерализација во замена за укинување на санкциите. Во понеделникот Трамп изјави дека верува оти ќе има „чест да ја преземе Куба“. „Мислам, или ќе ја ослободам или ќе ја преземам. Мислам дека можам да правам што сакам со неа“, кажа Трамп за Куба, нарекувајќи ја „многу ослабена земја“.

Агенцијата Асошиејтед прес објави, повикувајќи се на американски функционер и извор запознаен со разговорите меѓу Вашингтон и Хавана, дека администрацијата на Трамп сака кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел да биде урнат од власт, додека САД продолжуваат со преговорите со кубанската влада за иднината на островската нација.

Извори на АП потврдиле дека администрацијата на Трамп сака Дијаз-Канел да биде симнат од власт само неколку дена откако кубанскиот претседател јавно потврди за прв пат дека неговата влада е во преговори со администрацијата на Трамп. Напорите на администрацијата да го разреши Дијаз-Канел првпат беа објавени во понеделник од Њујорк тајмс.

Производството на електрична енергија, попречено од недостигот од гориво и старите електрани, и понатаму е значително намалено низ целиот остров и покрај напорите за обновување на мрежата, обезбедувајќи само ограничено олеснување за жителите кои веќе се исцрпени од месеците прекини на електричната енергија.

Повеќето Кубанци, вклучително и жителите на главниот град Хавана, се соочуваа со 16 или повеќе часа прекини на електричната енергија дневно дури и пред најновиот колапс на мрежата, што дополнително го тестираше трпението на граѓаните навикнати на тешките услови за живот.

„Тоа влијае на секој аспект од нашите животи“, изјави за британската агенција жителот на Хавана, Карлос Монтес де Ока, наведувајќи дека прекините на електричната енергија ги нарушуваат дури и најосновните потреби како што се снабдувањето со храна и вода. „Сè што можеме да направиме е да седиме, да чекаме, да читаме книга… инаку стресот ве совладува“.

Куба сè уште не кажа што го предизвика колапсот на електричната мрежа во земјата во понеделникот, првиот таков дефект откако САД ги прекинаа испораките на нафта од Венецуела и се заканија дека ќе воведат тарифи за земјите што ја снабдуваат островската нација со гориво.

Според податоците за следење на бродовите на компанијата ЛСЕГ во кои увид имал Ројтерс во понеделникот, Куба годинава примила само два мали брода со увезена нафта.

Русија објави дека е непоколеблива во својата солидарност со Куба, а руското Министерство за надворешни работи, без директно да го спомене Трамп, изрази сериозна загриженост за ескалацијата на тензиите околу она што го нарече „Остров на слободата“.

„Остро ги осудуваме обидите за грубо мешање во внатрешните работи на суверена држава, заплашувањето и примената на нелегални еднострани рестриктивни мерки“, се наведува во соопштението. Русија изјави дека обезбедила и ќе продолжи „да ѝ обезбедува на Куба потребна поддршка, вклучително и финансиска помош“.

Колапсот на електричната мрежа во понеделникот го засени повикот на Куба упатен до кубанските Американци и другите иселеници кои живеат во странство да инвестираат и да поседуваат компании на островот, што се смета за гест на добра волја во услови на преговорите со Вашингтон.

И покрај суровите услови и засилената реторика, Кубанците, кои со децении се справуваат и со добри и со лоши времиња, сметаат дека немаат друг избор освен да останат смирени.

„Сè уште нема електрична енергија во мојата куќа“, вели жителката на Хавана, Хуана Перез. „Но, ќе го поднесеме тоа мирно, како што секогаш правиме ние Кубанците“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ