26-иот Висок кривичен суд во Истанбул ја донесе својата пресуда по второто рочиште, пресудувајќи дека 63-годишниот новинар останува зад решетки во затворот Мармара во Силиври, каде што е притворен од јуни. Алтајли планира да поднесе жалба на пресудата, за која неговиот адвокат тврди дека е „тотално нелегална“ и претставува закана за целата медиумска заедница.
Обвинувањата против Алтајлио произлегоа од коментарите кои ги даде на својот канал на Јутјуб во јуни, откако анкета покажа дека повеќе од 70 проценти од Турците не сакаат Ердоган да служи како претседател доживотно.
„Погледнете ја историјата на оваа нација“, кажа Алтајли во емисија која ја гледаат стотици илјади гледачи дневно.
„Ова е народ кој го задавил својот султан кога не му се допаѓал или кога не го сакале. Има многу отомански султани кои биле убиени, задавени или нивната смрт била прикажана како самоубиство“.
На денешното рочиште Алтајли се бранеше, велејќи му на судот дека обвинувањата изгледаат „апсурдни и непотребни“.
„Зошто претседателот би се плашел од мене? Јас не сум член на никаква организација, јас не сум ништо слично. Никогаш не сум прибегнал кон насилство“, кажа тој, според извештајот во весникот Џумхуриет.
Еринч Сагкан, адвокат од Алтајлија и претседател на Унијата на турски адвокатски комори, ја осуди пресудата пред зградата на судот. „Оваа пресуда е чин на заплашување на сите медиуми“ и може да се искористи за потиснување на сите спротивставени гласови, им рече тој на новинарите.
Дел од поширока пресметка со медиумите
Случајот против Алтајли, кој има повеќе од 1,5 милиони следачи на Јутјуб, е илустрација за влошената состојба на слободата на медиумите во Турција.
Според Сојузот на турски новинари, во моментов има 11 новинари и медиумски работници во затворите. Организацијата Репортери без граници ја рангира Турција на 159-то место од 180 земји во Светскиот индекс на слобода на печатот за 2025 година.
Казната на Алтајли доаѓа во контекст на поширока репресија, која ескалираше во март по апсењето на градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу, главен политички ривал на Ердоган. Од тој притвор, властите уапсија повеќе од 13 новинари, од кои многумина се соочуваат со обвиненија за известување за протестите.
Меѓународната мисија за слобода на медиумите, која заврши во Анкара само неколку дена пред пресудата на Алтајли, предупреди дека чекорите преземени во 2025 година дополнително ја оддалечуваат Турција од демократските стандарди.
Бидејќи повеќето мејнстрим медиуми во Турција се во сопственост на провладини субјекти или се директно контролирани од државата, независните новинари сè повеќе го користат Јутјуб за нецензурирано новинарство. Јутјуб каналот на Алтајли беше суспендиран во август со судска наредба од, како што рекоа, безбедносни причини, иако тој дотогаш продолжи да дава коментари преку писма доставени од неговите адвокати.






