Министерството наведува дека танкерот на 24 декември добил привремено одобрение за пловење под руско знаме и дека бил во „мирен премин“ низ меѓународните води на северен Атлантик, на пат кон руско пристаниште. Од Москва тврдат дека американските власти повеќепати биле информирани за руската припадност на танкерот и за неговиот „цивилен, невоен статус“.
Во соопштението се истакнува дека запирањето и прегледот на пловило на отворено море е дозволено само под строго ограничени услови, како што се сомнеж за пиратство или трговија со луѓе, што, како што наведуваат, не било случај со танкерот Бела-1.
За сите други случаи, тврди Русија, потребна е согласност од државата под чие знаме плови бродот. Москва нагласува дека таква согласност не дала и дека официјално протестирала до Вашингтон поради потерата на американската крајбрежна стража по танкерот.
„Во овие околности, качувањето на американски воен персонал на мирно пловило на отворено море и неговата де факто заплена, како и задржувањето на екипажот, не може да се толкува поинаку освен како грубо кршење на темелните принципи и норми на меѓународното поморско право и слободата на пловидба“, се наведува во изјавата на министерството. Се додава дека со инцидентот е повредено легитимното право на сопственикот на бродот и дека се загрозени животите и здравјето на екипажот, составен од државјани на повеќе земји.
Руското Министерство за надворешни работи, исто така, ги отфрли обидите на Вашингтон да ја оправда операцијата повикувајќи се на американското национално законодавство за санкции, опишувајќи ги таквите мерки како „нелегитимни“. Изразена е жал и вознемиреност поради подготвеноста на Вашингтон „да создава акутни меѓународни кризни ситуации“.
На крајот, Москва ги повика Соединетите Американски Држави „да се вратат кон почитување на темелните норми и принципи на меѓународната поморска пловидба“ и веднаш да ги прекинат, како што ги нарекоа, „незаконските дејства“ против танкерот.






