„Ја забележавме вчерашната изјава на претседателот Трамп“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на прашањето на новинарите.
„Специјалната воена операција продолжува. Исто така, продолжуваме со нашиот ангажман за мировниот процес во Украина и за зачувување на нашите интереси“, рече тој.
Руските власти ја нарекуваат војната во Украина специјална воена операција.
Трамп го скрати рокот од 50 дена што му беше даден на Путин на 14 јули да стави крај на војната во Украина, под закана од строги американски санкции против Русија. Трамп вчера изјави дека сега му дава на Путин само 10 до 12 дена да ја прекине војната и рече дека Путин го разочарал.
Песков на новинарско прашање рече и дека Русија жали за забавувањето на нормализацијата на односите меѓу Вашингтон и Москва, што беше поттикнато од американскиот претседател Трамп по неговото враќање во Белата куќа во јануари. Трамп оттогаш ја заостри својата реторика кон Москва поради блокирање на преговорите за конфликтот во Украина.
„Навистина има забавување“, изјави Песков, додавајќи дека Москва е заинтересирана за подобра динамика во процесот на нормализација.






