Кремљ порача дека Трамп би влегол во историјата доколку ја преземе контролата врз Гренланд, автономната територија на Данска. Специјалниот претставник на претседателот Владимир Путин, Кирил Дмитриев, го поздрави „распадот на трансатлантскиот сојуз“. Поранешниот претседател Дмитриј Медведев се пошегува дека Европа ќе стане посиромашна.
Критиките кон Трамп во врска со Гренланд впечатливо изостануваат во момент кога Русија сака да го задржи на своја страна за крајот на војната во Украина да биде според условите на Москва, иако под негов удар се најдоа традиционалните руски сојузници, Венецуела и Иран.
„Постојат меѓународни експерти кои веруваат дека ако го реши прашањето за анексијата на Гренланд, Трамп сигурно ќе влезе во историјата. И не само во историјата на САД, туку и во светската историја“, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков во понеделникот. „Тешко е да не се согласиш со тие експерти.“
Дневниот весник Московски комсомолец напиша дека е вистинско задоволство да се види Европа која е „тотално изгубена“ откако Трамп изјави дека ќе воведе сè повисоки царини за стоки увезени од одредени европски земји сè додека на САД не им биде дозволено да го купат Гренланд.
„Да ја направиме Америка повторно голема (МАГА) = Да ја направиме Данска повторно мала (МДСА) = Да ја направиме Европа повторно сиромашна (МЕПА). Дали таа идеја конечно ви влезе во главата, глупави?“, порача Медведев, кој сега е заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија.
Дмитриев, кој е вклучен во разговорите со САД за војната во Украина, им се потсмеваше на европските лидери во објавите на социјалните мрежи. „Распадот на трансатлантската унија. Конечно – нешто за кое навистина вреди да се зборува во Давос“, напиша Дмитриев, кој треба да се сретне со американските претставници за Украина оваа недела, за време на Светскиот економски форум во швајцарското одморалиште.
Дмитриев на социјалната мрежа Икс напиша и дека „Путин ја разбира американската логика за Гренланд“, со линк до говор во кој Путин рече дека американските амбиции во врска со Гренланд имаат длабоки историски корени.
Руските коментатори велат дека однесувањето на Трамп врши невиден притисок врз воениот сојуз НАТО, долгогодишниот непријател на Москва, и може да предизвика економски и дипломатски проблеми за Европската Унија и Велика Британија, кои Москва ги смета за пречки за Русија „да го постигне она што го сака“ во Украина.
Во статија објавена во Расискаја газета, официјалниот весник на руската влада, беше поставено прашањето дали разликите околу Гренланд би можеле да значат крај на НАТО.
Сергеј Марков, поранешен советник на Кремљ, кажа дека Москва треба да му помогне на Трамп да ги оствари своите амбиции „бидејќи речиси сите непријатели на Трамп се и непријатели на Русија“.
И покрај задоволството, Москва внимателно оди по тенка линија, бидејќи потезите на Трамп би можеле да влијаат и на сопствените амбиции на Русија во Арктикот, регион богат со природни ресурси кој Русија го смета за стратегиски важен.
Русија е воздржана во врска со сугестијата на Трамп дека Москва претставува закана за Гренланд – дел од неговото образложение за желбата САД да ја преземат контролата врз островот.
Министерството за надворешни работи минатата недела изјави дека е неприфатливо Западот да продолжи да ги обвинува Русија и Кина дека претставуваат закана за Гренланд.
Сепак, за Русија, Украина е повисок приоритет од Гренланд, каде што САД веќе имаат воено присуство.
Трансатлантскиот јаз околу Гренланд, кој ги вклучува земјите кои го финансираа и вооружуваа Киев, би можел да работи во корист на Русија – потенцијално прелевајќи се во други области на политиката и ставајќи ја Украина во втор план.
Некои руски коментатори сугерираат дека однесувањето на Трамп најавува нов светски поредок без правила, што би можело да и користи на Москва. Други, пак, алармираат поради непредвидливоста на неговото однесување, потсетувајќи на неодамнешното киднапирање на Николас Мадуро од Венецуела.
Тие исто така предупредуваат дека Трамп, кој тврди дека САД ќе ја вратат доминацијата во Западната хемисфера, не покажал подготвеност да им дозволи на другите земји да имаат свои сфери на влијание. „Русија може да има своја сфера на влијание само преку сила“, оцени Марков.






