Ушаков телефонски разговарал со неколку членови на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, но не прецизираше кога точно се одржал разговорот. Кирил Дмитриев, пратеник на рускиот претседател Владимир Путин, донел во Москва копии од американските предлози по состанокот во Мајами за време на викендот, а Кремљ ги анализира деталите, додаде Песков.
„Информациите се анализирани и од името на претседателот Путин беше воспоставен контакт меѓу претставници на администрациите на Русија и Соединетите Американски Држави“, рече Песков. „Договорено е продолжување на дијалогот“, додаде тој.
На прашањето што мисли Кремљ за документите, Песков одговори дека не сака да ги коментира, бидејќи Русија смета дека тоа би можело да ги поткопа преговорите.
Рускиот весник Комерсант објави дека Путин на некои од водечките бизнисмени во Русија им рекол дека би можел да прифати размена на дел од територијата што е под контрола на руските сили во Украина, но дека го сака целиот Донбас. Запрашан за овој извештај, Песков изјави дека мировните преговори за војната во Украина биле „општо земено“ споменати на состанокот, но не даде дополнителни детали за самите разговори.
Американскиот претседател Доналд Трамп задутре во својата резиденција Мар-а-Лаго ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски, објави новинарот на порталот Аксиос, Барак Равид, на социјалната мрежа Икс, повикувајќи се на украински функционер.






