„Ако претставниците на ЕУ размислуваат за нова политика насочена кон меѓународна соработка, тоа е добредојдено. Ако размислуваат за конфронтација, што во моментов е доста модерно во Брисел, тогаш секако не можеме да го поздравиме тоа и малку е веројатно дека би имало некаков позитивен ефект“, кажа Песков како одговор на прашање од РИА Новости.
„Ова е наш регион. Ние сме арктичка држава, за разлика од огромното мнозинство земји од ЕУ. Отворени сме за соработка и заедничко дејствување“, изјави тој. Според него, Арктикот како регион нужно бара меѓународна соработка.
Тој додаде дека Русија има интереси во Арктикот и има намера да ги заштити користејќи ги сите достапни механизми на меѓународното право. „Имаме значајни интереси на Арктикот, кои ќе ги браниме користејќи го целиот арсенал на меѓународното право“, порача Песков.
Неговата изјава следи откако шефицата на дипломатија на ЕУ Каја Калас на конференција во Норвешка изјави дека на Европската Унија ѝ е потребна нова безбедносна политика за Арктикот.






