петок, 27 март 2026

Кремљ: Путин од олигарсите не бараше донации за војната во Украина

Кремљ денес ги демантираше извештаите дека претседателот Владимир Путин побарал од водечките бизнисмени да донираат пари за стабилизирање на руските финансии додека трае војната во Украина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Информацијата ја објавија прозападниот руски медиум Бел и Фајненшал тајмс, повикувајќи се на неименувани извори, откако Путин одржа состанок зад затворени врати со бизнис лидерите во четвртокот.

„Не е вистина дека Путин упатил такво барање“, им кажа на новинарите портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков. Но, кажа и дека еден од учесниците на состанокот рекол дека сака да донира „многу голема сума пари“ на државата.

Тој кажал дека повеќето од присутните бизнисмени го почнале својот бизнис во 1990-тите и дека почетокот на нивниот бизнис бил поврзан со државата на различни начини, па затоа многумина од нив сметале дека е нивна должност да ѝ придонесат, објасни Песков, без да го именува споменатото лице.

„Ова беше апсолутно негова иницијатива, а не иницијатива на претседателот Путин. Иако, се разбира, шефот на државата ја поздрави таквата иницијатива“, додаде Песков.

Тој кажа и дека не е вистина дека парите биле наменети за војната. Бел, известувајќи за состанокот, напиша дека Путин разговарал за военото финансирање и кажал дека Русија ќе се бори сè додека не ги освои преостанатите области од источниот украински регион Донбас кои не се под нејзина контрола.

Рускиот медиум, исто така, напиша дека милијардерот Сулејман Керимов ветил дека ќе донира 100 милијарди рубли (1,23 милијарди американски долари) на состанокот. Ројтерс не можел да го контактира Керимов за коментар за информациите.

Русија има буџетски дефицит и се соочува со економска стагнација, додека војната во Украина влезе во петтата година, без крај на повидок. Но, се очекува дека Русија ќе има голема корист од наглиот пораст на цените на нафтата откако Соединетите Американски Држави и Израел го нападнаа Иран на 28 февруари.

Извори за Ројтерс претходно овој месец изјавија дека владата подготвува можно намалување од 10 проценти во буџетот за оваа година кога ќе бидат вклучени сите „нечувствителни“ расходи, но конечната одлука ќе зависи од одржливоста на растечките цени на нафтата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ