четврток, 25 декември 2025

Кремљ: Путин не е поканет на Трамповата инаугурација, Си-би-ес: Си Џинпинг е поканет

Властите во Москва денеска соопштија дека новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп не го поканил претседателот на Русија Владимир Путин на својата инаугурација, закажана за 20 јануари 2025 година, пишува Москва тајмс.

Објавено на

часот

Сподели

„Не, не испрати“, им рече на новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кога го прашаа дали Трамп испратил покана до Путин да присуствува на церемонијата на предавање на власта во Капитол во Вашингтон.

Москва тајмс посочува дека ниту еден странски лидер досега не присуствувал на инаугурацијата на некој американски претседател и таа чест обично е резервирана за амбасадорите и другите дипломати.

Сепак, американската ТВ-мрежа СИ-би-ес вчера објави дека Трамп на инаугурацијата го поканил првиот човек на Кина, Си Џинпинг, набргу откако ја победи Камала Харис на претседателските избори во САД на 5 ноември.

Телевизиската мрежа, повикувајќи се на анонимни извори, соопшти дека не е познато дали Си ја прифатил поканата на Трамп.

Тимот на Трамп, наводно, размислувал да прими и други странски лидери, вклучувајќи го и унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој „сè уште размислува“ за своето присуство на инаугурацијата.

Вашингтон пост претходно објави дека Трамп телефонски разговарал со Владимир Путин веднаш по објавувањето на изборните резултати, но Песков негираше дека разговорот воопшто се случил.

Путин ги ограничи патувањата низ светот откако Меѓународниот кривичен суд издаде налог по него во 2023 година и нареди да се уапси за депортирањето украински деца за време на руската инвазија на Украина.

Ниту Русија, ниту САД не се членки на статутот на Меѓународниот кривичен суд и не ја признаваат јурисдикцијата на судот, со седиште во Хаг, Холандија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ