„Претседателот е и понатаму отворен кон политичките и дипломатските методи за решавање на овој конфликт“, им кажа на новинарите портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
Тој кажа дека целите мора да бидат остварени и дека Москва претпочита да ги постигне тие цели по мирен пат. Тој кажа дека Путин изразил спремност за директни преговори со Украина, на што Киев досега не одговори.
„За жал, не слушнавме никакви изјави во тој контекст од Киев. Затоа не знаеме дали Киев е спремен или не“, им кажа Песков на новинарите.
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој сака да биде запаметен како миротворец, во повеќе наврати кажа дека сака да ја сопре тригодишната војна во Украина, која неговата влада сега ја прикажува како посреднички конфликт меѓу САД и Русија.
„Разбираме дека Вашингтон сака да оствари брз успех во овој процес“, кажа Песков. Руската новинска агенција ТАСС пренесува дека тој истакна дека суштинските причини за конфликтот во Украина се премногу сложени за да бидат решени во еден ден.
Трамп вчера кажа дека мисли дека Путин сака да ја оконча војната во Украина, истакнувајќи дека доколку тој не е на власт, Русија би се обидела да ја заземе цела Украина. „Да ме нема мене, мислам дека би сакал да ја заземе целата земја“, кажа Трамп.
Американскиот претседател одби да одговори на прашањето дали САД ќе ја сопрат воената помош за Киев ако Вашингтон се откаже од преговорите.