среда, 30 јули 2025

Кремљ: Луганск е под целосна руска контрола

Русија презеде целосна контрола врз источниот украински регион Луганск, повеќе од три години откако претседателот Владимир Путин нареди распоредување илјадници војници во Украина во февруари 2022 година, изјави за руската државна телевизија руски функционер назначен да раководи со регионот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Луганск, кој зафаќа површина од 26.700 квадратни километри, е првиот украински регион што целосно паѓа под контрола на руските сили откако Русија го анектираше Крим во 2014 година.

Во септември 2022 година Путин изјави дека Луганск, заедно со делумно контролираните региони Донецк, Херсон и Запорожје, ќе биде анектиран од Русија, потег што западноевропските земји го осудија како нелегален и е непризнаен од поголем дел од светот.

„Територијата на Народната Република Луганск е целосно ослободена – 100%“, изјави за руската телевизија Леонид Пасечник, кого Москва го претставува како шеф на „Народната Република Луганск“.

Ројтерс истакнува дека немало непосредна потврда од руското Министерство за одбрана, ниту пак коментар од Украина.

Украина вели дека руските тврдења дека се нивни Луганск и другите области меѓународно признати како дел од Украина се неосновани и нелегални, и дека Киев никогаш нема да го признае рускиот суверенитет над овие територии.

Русија, од друга страна, тврди дека овие територии сега се дел од нејзината држава, дека тие потпаѓаат под нејзина нуклеарна заштита и дека никогаш нема да бидат вратени.

Луганск некогаш беше дел од Руското Царство, но тоа се промени по Руската револуција. Беше освоен од Црвената армија во 1920 година, а потоа во 1922 година стана дел од Советскиот Сојуз, во рамките на Украинската Советска Социјалистичка Република.

Заедно со соседниот Донецк, Луганск стана жариште во конфликтот што почна во 2014 година, откако прорускиот претседател на Украина беше соборен за време на Мајданската револуција и Русија го анектираше Крим.

Русија моментално контролира речиси 19% од територијата меѓународно признаена како дел од Украина, вклучувајќи го Луганск, како и повеќе од 70% од Донецката, Запорошката и Херсонската област, како и делови од областите Харков, Суми и Дњепропетровск.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ