Во своите први јавни коментари откако утрово беше уапсен Ендрју Маунтбатен-Виндзор, кралот Чарлс Трети беше јасен и директен. Соопштението беше објавено само неколку часа откако полицијата го приведе неговиот брат поради обвинувања за злоупотреба на јавна функција поврзани со неговите врски со Џефри Епстин, осудениот сексуален престапник.
Соопштението беше впечатливо затоа што ѝ се обраќа директно на британската јавност, но и затоа што беше потпишано лично од Чарлс, наместо да биде објавено од Бакингемската палата.
Еве го соопштението на кралот во целост:
„Со најдлабока загриженост ја примив веста за Ендрју Маунтбатен-Виндзор и сомнежот за злоупотреба на јавна функција. Она што сега следува е целосна, правична и соодветна постапка во која ова прашање ќе биде истражено на правилен начин и од надлежните органи. Во тоа, како што имам кажано и претходно, тие ја имаат нашата целосна и искрена поддршка и соработка.
Дозволете ми јасно да кажам: законот мора да се почитува. Додека овој процес продолжува, не би било исправно да коментирам понатаму за ова прашање. Во меѓувреме, моето семејство и јас ќе продолжиме со нашата должност и служба кон сите вас.
Чарлс Р.“
Принцот Вилијам и неговата сопруга, Кетрин, не објавија сопствено соопштение за апсењето на Ендрју Маунтбатен-Виндзор. Но портпарол на кралската двојка изјави дека ја поддржуваат изјавата на кралот Чарлс Трети за случајот.
Минатата недела портпаролот соопшти дека тие се „длабоко загрижени од новите откритија“ поврзани со Џефри Епстин и дека „нивните мисли остануваат насочени кон жртвите“.
Кралското семејство со години настојуваше да се огради од обвинувањата кон Ендрју поврзани со Џефри Епстин. Но тонот на најновите соопштенија се промени, како што расте веројатноста за јавно расчистување со случајот.
Ендру Маунтбатен-Виндзор беше приведен утрово од страна на полицијата во Обединетото Кралство под сомнение за злоупотреба на јавна функција. Истрагата се однесува на наводи дека во 2010 година испраќал трговски информации до Џефри Епстин, осудениот сексуален престапник со кого одржувал контакти.






