недела, 21 декември 2025

Крај на хуманитарната мисија, Израел го сопре и последниот брод кон Газа

Последниот брод од флотилата која носеше хуманитарна помош за Газа, Маринет, е запленет на 42 наутички милји од Газа, соопштија денес организаторите.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во 6 часот наутро бродот Маринет беше на околу 120 километри од брегот на Газа, според геолокацијата објавена на веб-страницата на флотилата.

Запирањето на флотилата Глобал Сумуд предизвика бран осуди од меѓународната заедница, вклучувајќи ги и лидерите на Колумбија, Малезија, Бразил и Италија. Министерството за надворешни работи на Турција го нарече израелското пресретнување „терористички чин“, пишува Индипендент.

Уште еден брод се вкотвил во Кипар во петокот, но официјалните лица не потврдија дали е дел од флотилата запрена од израелската војска.

Речиси 500 активисти, вклучувајќи ја и Грета Тунберг, пловеа на околу 44 бродови кои носеа помош преку Средоземно Море повеќе од еден месец во обид да ја пробијат поморската блокада на Газа од страна на Израел, додека енклавата останува во состојба на намерно предизвикан глад.

Повеќе од 400 активисти на 41 брод од флотилата беа уапсени за време на операцијата која траела околу дванаесет часа, изјави израелски функционер.

„Тие беа безбедно префрлени во пристаништето Ашдод, каде што ги обработува израелската полиција“, додал изворот под услов да остане анонимен.

Флотилата Глобал Сумуд, во која се вклучени политичари и активисти како Грета Тунберг од Шведска, тргна од Шпанија во септември со цел да ја пробие израелската блокада на Појасот Газа. Организаторите го претставуваат тоа како „мирна и ненасилна хуманитарна мисија“.

Израел соопшти дека патниците, сите „безбедни и здрави“, ќе бидат депортирани во Европа.

„Им честитам на војниците и командантите на морнарицата кои ја извршија својата мисија за време на Јом кипур на најпрофесионален и најефикасен начин“, кажа премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Глобал Сумуд го осуди „незаконскиот напад“ во меѓународни води, додека Амнести интернешнл го нарече пресретнувањето „чин на заплашување“.

Единаесет грчки учесници во флотилата започнаа штрајк со глад во знак на протест против „нелегалното притворање“, објавија организаторите.

Движењето Хамас, чиј упад во Израел на 7 октомври 2023 година ја испровоцира израелската војна во Газа, го нарече пресретнувањето „пиратско злосторство “.

Настанот предизвика силни реакции низ целиот свет. Турција го обвини Израел за „терористички чин“, а колумбискиот претседател Густаво Петро најави протерување на израелската дипломатска делегација.

Италија и Шпанија испратија воени бродови да ја придружуваат флотилата по нападот со беспилотни летала во ноќта меѓу 23 и 24 септември, кој беше осуден од ОН и Европската унија.

Шпанското обвинителство отвори истрага за потенцијални кршења на човековите права со сомнение за злосторства против човештвото.

Веста за нападот врз флотилата предизвика масовни протести во европските и јужноамериканските градови.

Во Италија, демонстрации се одржаа во Рим, Милано и Торино, а синдикатите најавија генерален штрајк во поддршка на флотилата, според Гардијан.

Во Грција и Германија, илјадници луѓе се собраа во знак на солидарност со активистите, објавува АП.

Во Аргентина, демонстрантите истакнаа големо палестинско знаме пред владините институции, барајќи меѓународен притисок врз Израел, пишува Тајмс оф Индија.

Протести се одржаа и во Турција и Тунис, додека во Барселона толпата го блокираше влезот во израелскиот конзулат, објави Ројтерс.

Во јуни и јули израелската морнарица веќе заплени две едрилици кои пловеа кон Газа, на кои беа Грета Тунберг и француската европратеничка од палестинско потекло Рима Хасан. И двете беа приведени во Израел, а потоа депортирани.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ