понеделник, 15 декември 2025

Крах на сезоната во Црна Гора, полупразни плажи: „Не ни требаат скржави туристи“

Полупразните плажи, градините на кафетериите и рестораните, како и повеќе од 50 проценти празни апартмани и соби во приватниот сместувачки капацитет потсетуваат на пандемиските денови, додека жителите на црногорското крајбрежје сè уште чекаат конечно да започне сезоната, иако крајот на јули се приближува, пишува Нова.рс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

И покрај малиот број гости оваа година, цените не паѓаат – неодамна јавноста ја разбранува веста за лежалките во Пржно, недалеку од Свети Стефан, кои чинат дури 200 евра, додека на градските плажи цените се меѓу 15 и 120 евра. Приватниот сместувачки капацитет чини од 40 до 90 евра и повеќе, во зависност од локацијата и капацитетот.

Иако на секој чекор се слушаат странски јазици – италијански, германски, шпански – и иако поголемите крајбрежни градови во Црна Гора се преполни со Руси, Украинци и Турци во текот на целата година, локалното население вели дека ги чека само – Србите.

„Гостите од Србија ќе потрошат сè што ќе донесат за една недела и се враќаат дома. Не ги жалат парите, не штедат на одморот, додека другите се скржави. Не ни требаат такви туристи. Оваа година имаме невообичаено малку гости од Србија и Босна. Луѓето очигледно немаат пари за сместување или храна од продавниците бидејќи сè е толку скапо што дури ни ние не знаеме како преживуваме. Ги нема ни оние „патлиџан-туристи’. Сепак, мислам дека цените треба итно да се намалат, можеби август малку ќе нè спаси“, нагласува Милјана, сопственичка на салон за убавина во Будва.

Пониски цени или ништо од сезоната

Некои локални жители за слабиот одѕив на гостите од Србија ја обвинуваат политиката.

„Оние што годинава почнаа бизнис на море веќе се плашат од долгови и можен банкрот. Мојот пријател отвори кафуле на плажа, киријата е огромна – десетици илјади евра за сезоната – и сигурно нема да може да ја покрие. Ова не е како за време на короната, но е доста слично. Цените во кафулињата се високи, но тоа не го одлучуваме ние келнерите, туку газдите и државата. Ако сакаат да привлечат туристи, нека ги намалат цените“, вели Јовица, келнер што работи во кафуле на црногорскиот брег.

Повеќето сопственици или закупци на плажни објекти, ресторани и кафулиња поседуваат и дел од плажата на која наплаќаат за лежалки и чадори.

„На градските плажи цените се пониски, почнувајќи од 15 до 40 евра, но штом ќе се оддалечите малку подалеку од центарот, каде што има поголема удобност, цените растат – до 120, 150, па дури и 200 евра. Малкумина денес можат да си го дозволат тоа. Оние што водат бизнис остануваат без клиенти и тонат во долгови, а оние што би дошле на море не доаѓаат затоа што не можат да платат“, објаснува тој.

Луѓето принудени да платат за сончање

Сепак, најскапо е на плажата. За четиричлено семејство, за еден ден – поточно, неколку часа на плажа – потребни се минимум 50 евра. Плажите се полни со лежалки, а туристите се принудени да платат за сончање, иако многумина би го простреле својот пешкир – што не би ги чинело ништо.

На местата каде што има лежалки – пешкирите се забранети, а цените на кафето, соковите, алкохолот и оброците се до три пати повисоки отколку во баровите подалеку од плажата или центарот на градот. Дури и сладоледот е два или три пати поскап отколку во продавница.

„Минатата година сезоната започна подоцна, но веќе во ова време имавме гости и сè беше полно. Оваа година, мај и јуни беа подобри од јули, а ќе видиме што ќе се случи во август. Не ни е јасно што се случува. Добиваме повици од стари гости што со години доаѓаат во овој период и велат дека не можат да земат годишен одмор затоа што се плашат дека ќе ги изгубат работните места. Политичката ситуација во Србија очигледно ги загрижува луѓето, тие се плашат за своите плати и работни места, па затоа нема да одат никаде“, вели Драган Поповиќ, кој изнајмува сместување во близина на Петровац.

„Ние што изнајмуваме приватно сместување зависевме најмногу од гостите од Србија и Босна. Ги намаливме цените колку што можевме, но повеќе не можеме бидејќи не се исплаќа. Имаме многу даноци и трошоци. Очигледно е дека е поприфатливо за туристите да одат во Грција оваа година, штом нема никој тука. Имаме гости од целиот свет, но Србите ни се омилени – живееме од нив. Туристите што не се од регионот не трошат многу. Доаѓаат на три или четири дена, а потоа продолжуваат понатаму. Вечераат во ресторани, спијат во хотели, не оставаат бакшиш, не излегуваат во клубовите“, вели Драган.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ