недела, 13 јули 2025

Косовските власти протераа двајца српски полицајци, Белград тоа го нарече „одмаздничка и антисрпска политика“

Денес, косовските власти приведоа, а потоа протераа уште еден припадник на министерството за внатрешни работи (МВР) на Србија, кој работи во Ниш и живее на Косово, што официјален Белград го нарече „одмазда и антисрпска политика“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Канцеларијата на владата на Србија за Косово и Метохија наведе и дека влез на Косово не им бил дозволен, при враќањето од должност, на пет српски полицајци кои живеат во Косовско Поморавље.

Канцеларијата за ова го обвини премиерот на Косово во техничкиот мандат, Аљбин Курти,  и потсети дека претходно биле протерани уште тројца српски полицајци.

Канцеларијата изјави дека им пружила правна помош на сите и дека „се бори преку дипломатски канали за нивните права“ и изјави дека „е без преседан што Курти спроведува фашистичка политика на прогон на еден народ и етничко чистење на Србите пред очите на целата меѓународна заедница“.

Таа додаде дека веќе два дена е во директен контакт со претставниците на Европската Унија и дека ги информирала меѓународните претставници за сè.

Косовските власти протераа двајца членови на министерството за внатрешни работи на Србија, неколку часа откако беа уапсени на 14 јуни под сомнение за загрозување на националната безбедност, потврдија претходно нивните адвокати.

Тие беа протерани истиот ден доцна навечер, а на двајцата им беше забранет влез во Косово пет години, изјавија нивните адвокати Богдан Лазиќ и Срѓан Митровиќ.

Станува збор за Никола Вујовиќ и Младен Милојевиќ.

Вујовиќ и Милојевиќ беа меѓу тројца припадници и еден пензиониран припадник на полицијата на Србија кои беа уапсени во Косово во саботата.

На 14 јуни, косовската полиција потврди дека започнала постапка за „присилно отстранување“ на Вујовиќ откако му било одземено државјанството затоа што наводно е член на разузнавачките институции на Србија.

Вршителот на должноста министер за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, претходно објави дека донел одлука за одземање на државјанството врз основа на законот за државјанство, подзаконските акти и препораките на надлежните институции.

Според косовскиот закон за државјанство, едно лице го губи државјанството ако се вклучи во активности што ја загрозуваат националната безбедност на Косово и кога намерно е член на организација што има за цел да го собори или поткопа уставниот поредок на Косово.

Според тој закон, едно лице го губи државјанството дури и кога е член на разузнавачката служба или полициските сили на друга земја, без согласност на домашните власти или релевантен меѓународен договор.

Инаку, на 7 јуни, беше уапсен во Србија и обвинет поранешниот припадник на специјалната единица на косовската полиција, Арбнор Спахиу, кој е обвинет за „тешко убиство во Бањска“ во септември 2023 година, кога дојде до судир меѓу вооружена група Срби и косовската полиција и беше убиен еден полицаец. Косовската полиција потоа уби тројца косовски Срби, а адвокатот на Спахиу, Ариант Кочи, изјави дека неговиот клиент е обвинет во Србија за нивните убиства.

Косовските власти побараа Спахиу, кој беше осуден на еден месец притвор, веднаш да биде ослободен, а исто така ги информираа и западните земји за случајот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ