понеделник, 15 декември 2025

Косово ризикува да биде сметано за „неуспешна држава“

Гласачите гласаа уште на 9 февруари, но Косово сè уште нема ни функционален парламент ни влада. Новоизбраните пратеници веќе се состануваа во Приштина 54 пати, но конститутивната седница на собранието секој пат пропадна – последниот пат во саботата 26 јули.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Пратениците ќе можат повторно да се обидат дури на 8 август, но прашање е дали и тогап ќе бидат успешни. Сегашниот премиер, Аљбин Курти, упорно одбива да предложи нов кандидат за претседател на парламентот, некој што би бил прифатлив за мнозинството пратеници.

Кандидатката предложена од партијата Самоопределување на Курти, министерката за правда Аљбуљена Хаџиу, нејзините противници ја сметаат за премногу партиски ориентирана и недоволно неутрална, па затоа нејзината кандидатура се отфрла секој пат. А според уставот (член 67), парламентот не може да се конституира без претседател, ниту пак може да почне формирањето на владата.

Победник на изборите без парламентарно мнозинство

Победници на последните парламентарни избори беа Аљбин Курти и неговото Самоопределување. Претходно, тој владееше како премиер четири години со апсолутно мнозинство. Сепак, на изборите на 9 февруари, тој освои 42,3 отсто од гласовите и освои само 48 од 120 места – премалку за повторно сам да формира влада.

Ниту една од другите главни косовски партии – Демократската партија (ПДК) и Демократската лига (ЛДК) – не се подготвени да влезат во коалиција со Курти. Но, дури ни тие немаат доволно мнозинство за да формираат влада. Тој застој го доведе Косово во ќорсокак од кој не може да најде излез. Додека не се формира нова влада, Курти продолжува да ја извршува функцијата премиер.

Хекуран Мурати, поранешен министер за финансии и истакнат член на Самоопределување, ја обвинува опозицијата дека го блокира конституирањето на парламентот: „Она што гласачите не им го дадоа на изборите, опозициските партии се обидуваат да го земат за себе преку маневри за блокирање“, кажа тој по последниот обид за конституирање на собранието.

ПДК, која освои 20,9 отсто на изборите и со тоа стана втора најсилна партија во парламентот, ја опишува ситуацијата како „државен неуспех“ и за тоа го обвинува Курти: „Нема обид да се најде решение, нема разгледување на последиците, нема сочувство кон населението – и покрај јасната препорака на Уставниот суд да се најде компромис и да се врати довербата“, кажа лидерот на ПДК, Мемљи Красниќи.

Загрижени гласови од странство

Адвокатот и политички експерт Бљерим Бурјани го критикува однесувањето на сите партии. Тие гледаат само на сопствените интереси, а не на интересите на гласачите, изјави Бурјани за Дојче веле. „Ниту една страна не може да се чувствува удобно во сегашната ситуација. Мандатот им припаѓа на самите пратеници и тие би можеле, доколку имаат волја, да придонесат за решение – но остануваат лојални на своите партии“.

Претставниците на Европската Унија и амбасадорите на Соединетите Американски Држави, Германија, Франција, Британија и Италија – исто така сè повеќе изразуваат загриженост. Амбасадата на САД во Приштина ги повика сите страни да постигнат договор: „Оваа сегашна блокада го одложува напредокот на Косово и го загрозува интегритетот на неговите тешко стекнати институции“, се вели во соопштението, додавајќи дека „народот на Косово очекува нивните политички лидери да дејствуваат во најдобар интерес на земјата“.

Германскиот амбасадор во Приштина, Јерн Роде, кажа: „Граѓаните гласаа на 9 февруари – а сега поминаа речиси шест месеци. Штета е што парламентот сè уште не е конституиран“.

Правниот експерт Ехат Мифтарај од Косовскиот правен институт, исто така, го критикува фактот дека парламентот сè уште не успеал да се конституира. Ова, вели тој, има далекусежни последици: „Постои недостиг од парламентарна контрола врз владата, а многу независни институции не се во можност да дејствуваат, бидејќи мандатите на нивните членови на одборот се истечени. До крајот на годината, бројот на тие блокирани институции би можел енормно да се зголеми. Ова во голема мера го парализира демократското функционирање на уставните институции“.

Според Мифтарај, ако блокадата продолжи, Косово ризикува да биде сметано за „пропадната држава на која ѝ недостасува политичка волја за одржување на уставниот поредок“.

Протест на граѓанското општество

Политичкиот ќорсокак, исто така, го охрабри граѓанското општество да преземе акција. Невладините организации протестираат пред парламентот од 15 април, кога првите обиди за конституирање не успеаја. Тие бараат формирање функционални институции. Активистот Еуген Цаколи од Демократскиот институт на Косово и портпарол на над 50 невладини организации, вели: „Ние го креваме гласот кога државата е блокирана и кога политичките претставници – без разлика дали се од владата или од опозицијата – не ги извршуваат своите функции“.

Цаколи првенствено го обвинува победникот на изборите – Курти, за блокадата. „Во ситуација кога нема мнозинство, секое систематско отфрлање на дијалогот и која било формула за решение е дел од блокадата – без оглед на политичката улога или позиција што некој ја зазема“.

Пропадната држава?

Косово е најмладата земја во Европа. Поранешната српска покраина еднострано прогласи независност во 2008 година и оттогаш функционира како парламентарна република. Уставот, исто така, ги признава националните малцинства, вклучувајќи ги и косовските Срби претставувани од Српската листа – партија која, како што оценуваат албанските политичари, е контролирана од претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Ниту една албанска партија во моментов не е подготвена да соработува со Српската листа, иако таа партија има право на десет пратенички места.

Правниот експерт Ехат Мифтарај истакнува дека поради блокадата, Косово заостанува зад регионот во процесот на европските интеграции. „Косово е единствената земја во Западен Балкан која не ги ратификувала потребните договори за спроведување на инструментите од Планот за раст на ЕУ. И покрај великодушните ветувања на ЕУ – над 880 милиони евра за периодот 2024-2027 година – Косово не може да пристапи до тие средства, бидејќи нема ниту парламент ниту влада“, истакнува Мифтарај.

Косово е исто така една од најсиромашните земји во Европа. Од 2011 година, околу дванаесет отсто од населението емигрирало.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ