понеделник, 29 декември 2025

Косово: Курти ветува брзо формирање нова влада по изборната победа

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека брзо ќе формира нова влада откако неговата партија освои околу половина од гласовите на неделните избори, што укажува на можен крај на едногодишниот политички ќор-сокак што го парализираше парламентот и ги одложи клучните меѓународни финансиски средства, пренесе Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ова беа втори избори годинава во Косово, откако партијата на Курти, Самоопределување, во февруари не успеа да обезбеди апсолутно мнозинство. Месеците неуспешни коалициски преговори ја натераа претседателката Вјоса Османи во ноември да го распушти парламентот и да распише вонредни избори.

Според официјалните резултати, партијата на Курти водеше со 49,3 отсто од гласовите, откако беа преброени 99 отсто од ливчињата по затворањето на гласачките места во 19 часот по локално време.

„Откако резултатите ќе бидат потврдени, треба брзо да го конституираме парламентот и веднаш потоа да формираме нова влада“, изјави Курти на прес-конференција во седиштето на неговата партија. „Немаме време за губење и мораме да продолжиме напред што е можно побрзо, заедно.“

Тој ги повика опозициските партии да го поддржат при гласањето за меѓународни кредитни договори, за кои е потребно двотретинско мнозинство.

Поддржувачите на Курти славеа на улиците на Приштина, скандирајќи го неговото име и веејќи партиски знамиња, додека огномети го осветлуваа небото на температура од минус три Целзиусови степени.

Аналитичарите велат дека е тешко да се предвиди дали Курти ќе може самостојно да формира влада без коалиција и да ги обезбеди потребните 61 пратеничко место во Собранието од вкупно 120. Сè уште не се преброени условните гласови и гласовите од косовската дијаспора во западноевропските земји.

„Резултатите не се конечни и не гледам како Курти би можел сам да формира влада, но ќе му биде многу лесно да владее со мала коалиција“, изјави Исмет Криезиу од Косовски демократски институт. Според него, на Курти му се потребни само неколку гласа од албански или малцински партии за да го состави новиот кабинет.

Двете главни опозициски партии – Демократска партија и Демократски сојуз – освоија околу 21, односно 13,6 отсто од гласовите.

Политичка криза во клучен момент

Уште еден неуспех во формирањето влада и повторното активирање на парламентот би ја продолжил кризата во клучен момент. Пратениците треба да изберат нов претседател во април и да ратификуваат договори за заеми во вредност од една милијарда евра од Европската Унија и Светската банка, кои истекуваат во наредните месеци.

Опозициските партии одбиваат да коалицираат со Курти, критикувајќи го неговото управување со односите со западните сојузници и неговиот пристап кон етнички поделеното северно Косово, каде што живее српско малцинство. Курти, пак, ја обвинува опозицијата за застојот.

Во обид да ги придобие гласачите, Курти вети дополнителна месечна плата годишно за вработените во јавниот сектор, една милијарда евра годишно за капитални инвестиции и ново обвинителско одделение за борба против организираниот криминал. Опозициските партии ја ставија во фокусот и темата за подобрување на животниот стандард – едно од главните прашања за гласачите.

Излезноста изнесуваше 45 отсто, според резултатите.

И покрај меѓународната поддршка, вели Ројтерс, оваа земја со 1,6 милиони жители се соочува со сиромаштија, нестабилност и организиран криминал. Мандатот на Курти, кој започна во 2021 година, беше првпат една влада во Приштина да го доврши целиот мандат.

Тензиите со Србија ескалираа во 2023 година, по што Европската Унија воведе санкции кон Косово. Унијата овој месец соопшти дека ќе ги укине санкциите откако во северните општини беа избрани градоначалници од српската заедница, но мерките, според проценките, го чинеа Косово стотици милиони евра.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ