недела, 14 декември 2025

Кошта: Земјите од Западен Балкан кои сакаат да се придружат на ЕУ мора да го сменат начинот на размислување

Земјите од Западен Балкан кои сакаат да се приклучат на Европската Унија мора да го променат својот начин на размислување и да ги надминат историските конфликти со цел да изградат заедничка иднина, изјави денес претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта во говорот на Стратегискиот форум во Блед.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Патиштата за пристапување на Западен Балкан, Молдавија и Украина не се само ветувања. Тие се приоритети. Овие земји се во срцето на Европа и се дел од европската иднина. Во наредните години, мора да ја подготвиме Унијата за проширување – преку реформи, прилагодување на буџетот и зајакнување на управувањето. Проширувањето нема да биде лесно. Но, ќе се исплати“, порача тој во Блед.

Тој го оцени планот на раст на ЕУ за Западен Балкан како пресвртница што нуди финансиска поддршка и стимулации за реформи, регионална соработка и економска интеграција.

„Не смееме да го изгубиме овој замав. Сите лидери мора да придонесат. Сите партии мора да преземат одговорност. Бидејќи не станува збор за географија. Станува збор за вредности – демократија, човекови права, слобода и владеење на правото“, кажа Кошта.

Во говорот по повод 20-годишнината од Бледскиот форум, тој се заложи за „понезависна, поотпорна и посуверена Европа“, особено во светлото на неодамнешниот трговски договор меѓу ЕУ и САД и дипломатските напори за ставање крај на руската агресија во Украина.

„Трговијата е само една димензија од нашите односи со Соединетите Американски Држави. Безбедноста – особено за време на војна пред нашиот праг – е егзистенцијална грижа. Ескалацијата на тензиите со клучниот сојузник околу царината, додека нашата источна граница е загрозена, би бил неразумен ризик. Затоа избравме дипломатија наместо ескалација во овој момент. Дадовме простор за дијалог, избравме воздржаност затоа што сме одговорни“, кажа Кошта.

Тој повтори дека Европа цврсто стои зад Украина, чиј најголем донатор од почетокот на војната – издвоени се повеќе од 170 милијарди евра.

Според претседателот на Европскиот совет, ЕУ се залага за „свет во кој мирот е заштитен, партнерствата се искрени и принципите на Повелбата на Обединетите нации се почитуваат, не само со зборови, туку и со дела“.

Тој повика на итен прекин на огнот во Газа и непречен пристап до хуманитарна помош за населението таму.

„ЕУ постојано го осудува терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври и продолжува да повикува на безусловно ослободување на сите заложници. Во исто време, правото на самоодбрана не го оправдува неселективното уништување на цивилната инфраструктура, ниту колективното казнување на целото население. Мора да бидеме недвосмислени: Меѓународното хуманитарно право важи за сите страни“, додаде тој.

Тој кажа и дека ЕУ останува водечки донатор на палестинскиот народ – со повеќе од 450 милиони евра помош од почетокот на израелската војна во Газа.

„Активно ги поддржуваме дипломатските напори. Палестинскиот народ заслужува мир, достоинство и државност. И дека ова е исто така најодржливиот пат кон безбедноста за израелскиот народ. Веруваме дека и двете се можни. Но, само ако дејствуваме заедно – ангажирајќи се поактивно со нашите партнери во регионот“, заклучи Кошта.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ