„Србија е во многу тешка ситуација и ние, Европската Унија, силно го поддржуваме европскиот пат на Србија и на српскиот народ“, изјави Марта Кос и во исто време нагласува дека „сè уште има многу што да се направи“.
Таа потсетува дека, иако Србија е земја-кандидат со години, сè уште не ги спровела сите реформи.
„Затоа им помагаме да ги спроведат овие реформи“, изјави таа за Дојче веле.
Од друга страна, како што нагласува, „протестите што ги гледаме веќе неколку месеци се израз на незадоволството на луѓето од ситуацијата во која се наоѓаат. И секоја влада треба да земе предвид што велат нејзините граѓани“.
„Во многу делови“, како што вели, „демонстрантите го бараат истото што ние како ЕУ го бараме од Србија, борба против корупцијата, владеење на правото, слобода на медиумите. Значи, ние всушност имаме заеднички интерес и се надевам дека навистина ќе успееме да ја стабилизираме Србија“.
Одговарајќи на прашањето зошто, за разлика од Грузија, нема знамиња на ЕУ на протестите во Србија, Кос вели дека самата го поставила ова прашање на луѓе во Србија со кои е во контакт – организации на граѓанското општество, професори, универзитети…
„Многу е интересно што ми кажуваат – прво: „Вие го поддржувате нашиот претседател Вучиќ“. Второ: „Нè бомбардиравте. Добро, тоа беше НАТО, но ја бомбардиравте нашата земја“. Трето: „Сакате да го признаеме Косово“. И четврто: „Не сакаме да ја налутиме Русија“. Значи, одговорите одат во многу различни насоки и тоа се чувства што исто така мора да ги земеме предвид. Затоа планираме подобро да ги претставиме придобивките од проширувањето“, вели комесарот на Европската Унија.
Кога станува збор за решавање на косовското прашање како услов за пристапување во ЕУ, Марта Кос нагласува:
„Секогаш сакам да кажам дека кога една земја одлучува да стане членка на ЕУ, тоа доаѓа со обврски и одговорности. Тоа е прашање на избор. Значи, никој не ја тера Србија. Но, кога ќе речете: „Да, сакаме да станеме членка на ЕУ“ – тогаш тоа мора да се направи. Многу работи мора да се направат“.






