Законот е усвоен со тесно мнозинство од 218 „за“ и 214 „против“ и претставува значаен чекор кон постигнување на клучните цели на Трамп во домашната политика, со проценето зголемување на националниот долг од 3,4 билиони долари.
Американскиот Сенат веќе го усвои законот предводен од републиканците во вторникот, со 51 глас „за“ и 50 „против“, откако потпретседателот Џеј Ди Венс го даде одлучувачкиот глас, кој може да го користи во случај на нерешен резултат.
Пакетот исполнува многу од предизборните ветувања на Трамп и ги зголемува трошоците за војската, обезбедува средства за масовна депортација на мигранти и одвојува 4,5 билиони долари за трајно продолжување на даночните намалувања од првиот мандат на Трамп.
Богатите Американци ќе го зголемат своето богатство за неколку стотици милијарди долари поради овој закон
Но, тој додава 3,3 трилиони долари на брзорастечкиот дефицит на нацијата во следните 10 години, додека воведува најголеми намалувања на програмата за здравствено осигурување Медикејд откако беше воведена во 1960-тите.
Според некои проценки, вкупниот број на луѓе кои ќе го изгубат своето здравствено осигурување е 17 милиони, а се очекува многу болници да се затворат. Во исто време, поради промените во федералната помош, милиони од најсиромашните Американци ќе го изгубат пристапот до купони за храна.
Демократите во Претставничкиот дом навестија дека имаат намера да го користат законот за кампања за среднорочните конгресни избори во 2026 година, повикувајќи се на анализи кои покажуваат дека тој претставува историска прераспределба на богатството од најсиромашните Американци кон најбогатите.
„Републиканците во Сенатот треба да се срамат од себе што ја усвоија оваа одвратна гнасотија“, изјави лидерот на малцинството во Претставничкиот дом, Хаким Џефрис, пред новинарите.
„И републиканците во Претставничкиот дом можат да се засрамат затоа што продолжуваат да се поклонуваат пред екстремната програма на Доналд Трамп“, додаде тој.