Продажната иницијатива на компанијата „Пауерус“ со седиште во Флорида, која минатиот месец објави договор за ангажирање на Ерик Трамп и Доналд Трамп Помладиот, ја позиционира таа компанија потенцијално да профитира од војната што ја започна нивниот татко, Доналд Трамп.
„Тие земји (од Заливот) се под огромен притисок да купуваат од синовите на претседателот“, изјави Ричард Пеинтер, поранешен главен советник за етика во Белата куќа за време на претседателот Џорџ В. Буш. „Ова ќе биде првото семејство на претседател што ќе заработи многу пари од војна – војна за која не доби согласност од Конгресот“, рече тој.
Коосновачот на компанијата „Пауерус“ Брет Величковиќ (42), кој еднаш изјавил дека има „корени во Србија“, рекол за Асошиејтед прес дека компанијата подготвува продажни презентации што вклучуваат демонстрации на дронови во неколку земји од Заливот, за да покаже дека нејзините одбранбени пресретнувачи на дронови би можеле да им помогнат да се одбранат од иранските напади.
Тој одби да ги наведе имињата на тие земји или да изнесе детали за понудата.
Договорот на браќата Трамп со компанијата „Пауерус“ би можел да им донесе значителен удел во капиталот. Нивниот татко, како врховен командант, започна напади со Израел врз Иран пред повеќе од еден месец, што беше поттик за потребата од заштита во тие земји од Заливот.
„Пауерус“ негираше дека постои судир на интереси кога првпат беше објавен уделот на браќата Трамп. Величковиќ ја нагласи својата решеност да помогне САД да ги стигнат и надминат кинеските и руските производители на дронови.
„Во војна сме, пријателе, во трка во вооружување сме и Америка ќе изгуби ако не градиме брзо“, рече Величковиќ, воен ветеран, кој бил под оган од руски дронови што сега ги користи Иран. Додаде: „Треба да им бидеме благодарни на сите што сега се обидуваат да инвестираат во американското производство. Таа идеја ја надминува политиката“.
Најстарите синови на претседателот ги проширија своите деловни интереси надвор од хотелите и голф-терените откако нивниот татко повторно ја презеде функцијата. Компаниите во кои инвестирале или за кои се именувани како советници – со удел во капиталот – опфаќаат сè, од криптовалути, до пазари за предвидување и до федерални изведувачи што произведуваат делови за ракети и магнети од ретки метали.
Овој најнов потфат на Трамп е насочен кон 1,1 милијарда долари што Пентагон ги издвоил за изградба на американска производствена база за вооружени дронови, со цел да се пополни празнината настаната кога администрацијата на Трамп забрани таков увоз од Кина.
Организацијата Трамп, каде што двата сина се раководители, не одговорила на барањето за коментар, но претходно ги отфрли обвинувањата за судир на интереси. Синовите изјавиле дека не добиле признание за својата воздржаност во проширувањето на бизнисите за време на првиот мандат на нивниот татко, па затоа овојпат одлучиле да не кријат многу.
Прашан за потенцијалниот судир на интереси на компанијата „Пауерус“, Ерик Трамп минатиот месец испрати соопштение до АП во кое рече: „Неверојатно сум горд што инвестирам во компании во кои верувам. Дроновите очигледно се иднината“.
Компанијата „Пауерус“, основана од ветерани на специјалните операции на американската војска пред околу една година, меѓу кои и Величковиќ, произведува дронови за комерцијална употреба – од распрскување ѓубрива до гаснење шумски пожари. Но брзо се проширува за да снабдува и дронови за воена употреба.
Компанијата неодамна собра 60 милиони долари од инвеститори и се надева дека ќе обезбеди дополнително финансирање преку спојување со компанија на Трамп што котира на берзата Насдак и поседува неколку голф-терени во Флорида. Таквото спојување му овозможува на приватно претпријатие брзо да излезе на берза преку преземање компанија што веќе има јавно тргувани акции, скратувајќи го процесот на документација и исполнување на барањата за класична иницијална јавна понуда.






