сабота, 24 мај 2025

Комесарката на ЕУ за проширување: Црна Гора е најизгледниот кандидат од Западен Балкан за нова членка

Црна Гора останува најизгледниот кандидат од регионот Западен балкан кој во мандатот на сегашната Европска комисија може да стане нова членка на Европската Унија, а по неа е Албанија, додека Босна и Херцеговина упорно заостанува на тој пат и сега најголема пречка ѝ се внатрешните политички конфликти, оцени еврокомесарката за проширување Марта Кос.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Кос објасни дека би било неуспех ако во мандатот на ЕК ниедна држава не стане членка на ЕУ, а сигурна е дека тоа може да се направи. „Би можеле тоа да го направиме со Црна Гора. Сите поглавја се отворени, така што ги затвораме за да можеме да го затвориме процесот до крајот на 2026 од техничка гледна точка“, кажа Кос.

Заврпувањето на преговорите со Албанија го прогнозира за 2027 година, но истакна дека и за едната и за другата држава е важно освен завршувањето на техничкиот дел на пристапниот процес да продолжат да спроведуваат реформи бидејќи на крајот од тоа ќе зависи одлуката дали некој држава може да стане членка на ЕУ.

Таа не ја отфрли можноста Молдавија, па дури и Украина, да станат дел од овој процес па мисли дека до 2029 година ЕУ би можела да има повеќе од две нови членки.

Таа ја предупреди Србија порачувајќи дека властите на таа земја сега мора да докажат дека се навистина на европскиот пат, а потврди дека во Брисел со симпатии гледаат на студентите кои протестираат барајќи реформи.

„Она што демонстрантите го бараат од српската влада е истото што Европската комисија го бара од Србија да го исполни во процесот на преговорите. Тоа се владеење на правото, борба против корупцијата, јавните набавки, медиумско законодавство, изборно законодавство“, кажа Кос.

Во однос на Косово, ЕК сега на прво место очекува формирање нова влада за да знае со кого ќе преговара, а Македонија ја опиша како тажна приказна поради децениското чекање на преговарачкиот процес.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ