петок, 26 декември 2025

Комерсант: Путин го сака целиот Донбас, но надвор од тоа не е исклучена размена на територии

Претседателот Владимир Путин им рекол на некои од водечките руски бизнисмени дека би можел да прифати размена на дел од територијата што ја контролираат руските сили во Украина, но дека го сака целиот Донбас, објави весникот Комерсант.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Андреј Колесников, новинар на овој водечки руски весник специјализиран за Кремљ, вели дека Путин завчера ги информирал највлијателните бизнисмени за деталите од планот на доцновечерен состанок во Кремљ. „Владимир Путин изјави дека руската страна и понатаму е подготвена на отстапките што ги направил во Анкориџ“, пренесе Комерсант.

Путин го сака целиот Донбас, но надвор од таа област „делумна размена на територии од руска страна не е исклучена“, напиша Колесников. Украинскиот претседател Володимир Зеленски, во обраќање до новинарите што завчера го објави неговиот кабинет, изјави дека украинската и американската делегација на разговорите за време на викендот во Мајами се приближиле до финализирање на планот од 20 точки.

Зеленски рече дека Украина и Соединетите Американски Држави не пронашле заеднички јазик околу барањата Украина да им ги отстапи деловите од Донбас што сè уште ги контролира, ниту околу иднината на нуклеарната електрана Запорожје, која е под контрола на руските сили.

Американскиот претседател Доналд Трамп повеќепати ветуваше дека ќе го оконча овој најсмртоносен конфликт во Европа по Втората светска војна, а неговиот пратеник Стив Виткоф и советникот и зет Џаред Кушнер водат разговори со Русија, Украина и европските сили.

Сите детали од американските предлози сè уште не се објавени, иако руските претставници повеќепати споменаа нејасни „консензуси“ постигнати меѓу Путин и Трамп на самитот во Анкориџ, на Алјаска, во август.

Русија го контролира целиот Крим, кој го анектираше во 2014 година, околу 90 отсто од Донбас, 75 отсто од Запорошката и Херсонската област, како и делови од Харковската, Сумската, Миколајивската и Дњепропетровската област, според руските процени.

Путин пред една недела изјави дека смета оти мировниот договор треба да се темели на принципите на условите што ги постави во 2024 година: Украина да се повлече од целиот Донбас, Запорошката и Херсонската област, а Киев официјално да се откаже од целта за приклучување кон НАТО. Според Комерсант, Путин на состанокот со стопанствениците го отворил и прашањето за нуклеарната електрана Запорожје, најголемата нуклеарна електрана во Европа.

Путин, според истиот извор, рекол дека се разгледува заедничко руско-американско управување со нуклеарната електрана. Тој додал дека САД изразиле интерес за рударење криптовалути во близина на електраната и дека таа би требало делумно да се користи за снабдување на Украина, пишува Комерсант.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ