недела, 21 декември 2025

Колумбија ја прекина размената на разузнавачки податоци со Вашингтон поради нападите на САД на Карибите

Колумбискиот претседател Густаво Петро објави дека ја суспендира размената на разузнавачки информации со Соединетите Американски Држави како одговор на нападите на Вашингтон врз бродови за кои тврди дека се занимаваат со трговија со дрога на Карибите и во Пацификот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Дадена е наредба на сите нивоа на разузнавачките служби на безбедносните сили да ја суспендираат комуникацијата и другите операции со американските безбедносни агенции“, објави Петро вчера на мрежата Икс.

Тој додаде дека одлуката ќе остане на сила сè додека се одвиваат американските ракетни напади врз бродови за кои се сомневаат дека превезуваат дрога. Критичарите на тие американски акции ги поистоветуваат со вонсудски егзекуции.

Петро напиша дека „борбата против дрогата мора да биде подредена на човековите права на народот од Карибите“.

Најмалку 75 лица се убиени во американските воени напади во меѓународни води од август, според податоците од администрацијата на претседателот Доналд Трамп. Нападите започнаа во јужниот дел на Карибите, но неодамна се преселија во источниот Пацифик каде, кај Мексико, САД гаѓаат бродови.

Петро претходно повика на истрага против американскиот претседател Доналд Трамп за наводни воени злосторства поради тие напади кои ги погодија граѓаните на Венецуела, Еквадор, Колумбија и Тринидад и Тобаго.

Во октомври администрацијата на Трамп воведе финансиски санкции против Петро и членовите на неговото семејство со обвинувања за нивна вмешаност во глобалната трговија со дрога, потсетува агенцијата Асошиејтед прес.

Американскиот министер за финансии Скот Бесант кажа Петро дозволил нарко-картелите да цветаат и одбил да ја запре таа активност во изјава на 24 октомври, кога беа воведени санкциите.

„Претседателот Трамп презема силни мерки за да ја заштити нашата нација и јасно даде до знаење дека нема да толерираме шверц на дрога во нашата земја“, кажа Бесент.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ