вторник, 9 декември 2025

Колку пари членките на ЕУ ќе мора да ѝ дадат на Украина – сумите се во милијарди евра

Членките на Европската Унија ќе мора поединечно да обезбедат милијарди евра за да гарантираат кредит од дури 210 милијарди евра за Украина, при што Германија ќе даде поддршка до 52 милијарди, се наведува во документите до кои дошол Политико.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Европската комисија минатата недела им ги претстави износите на дипломатите, откако го откри својот план за кредитирање на Украина, користејќи средства од замрзнатиот руски државен имот.

Поддршката, која пропорционално би се распределила меѓу земјите-членки, е неопходна за да се убеди Белгија да дозволи користење на руските средства.

Белгискиот премиер Барт де Вевер засега се противи употребата на суверениот руски имот од страв дека неговата земја може на крај да биде присилена самата да ѝ ги врати парите на Москва.

Околу 185 милијарди евра замрзнат руски имот се наоѓаат под управување на финансискиот депозитар „Евроклир“, со седиште во Брисел, а дополнителни 25 милијарди се распределени низ блокот на приватни банкарски сметки.

Вкупните износи по земја, сепак, може да се зголемат доколку земји пријателски расположени кон Кремљ, како Унгарија, одбијат да се приклучат во иницијативата. Ако сакаат, можат да се приклучат и држави што не се членки на ЕУ и да покријат дел од гаранцијата.

Украина се соочува со буџетски дефицит од 71,7 милијарди евра следната година и ќе мора да почне да ги намалува јавните расходи од април, доколку не ги добие средствата.

Унгарија во петокот стави вето на издавањето еврообврзници за покривање на буџетскиот јаз на Киев, по што единствена опција е лидерите на ЕУ да го убедат Де Вевер да дозволи користење на рускиот имот кога ќе се состанат на 18 декември.

Предложениот заем за репарации предвидува 115 милијарди евра за финансирање на украинската одбранбена индустрија во период од пет години, 50 милијарди за покривање на буџетските потреби на Киев, а преостанатите 45 милијарди од пакетот би го отплатиле заемот на Г7 за Украина даден минатата година.

Според предлогот на ЕУ, земјите треба да ги гарантираат следните износи:

  • Германија: 51,3 милијарди
  • Франција: 34 милијарди
  • Италија: 25 милијарди
  • Шпанија: 18,9 милијарди
  • Холандија: 13,4 милијарди
  • Полска: 10,3 милијарди
  • Белгија: 7,2 милијарди
  • Шведска: 7,2 милијарди
  • Австрија: 5,5 милијарди
  • Данска: 4,9 милијарди
  • Ирска: 4,5 милијарди
  • Романија: 4,4 милијарди
  • Чешка: 3,7 милијарди
  • Португалија: 3,3 милијарди
  • Финска: 3,2 милијарди
  • Грција: 2,8 милијарди
  • Унгарија: 2,4 милијарди
  • Словачка: 1,5 милијарди
  • Бугарија: 1,2 милијарди
  • Хрватска: 1,1 милијарда
  • Литванија: 934 милиони
  • Словенија: 796 милиони
  • Луксембург: 664 милиони
  • Летонија: 469 милиони
  • Естонија: 466 милиони
  • Кипар: 366 милиони
  • Малта: 241 милион.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ