Украинскиот претседател Володимир Зеленски сака 2027 година да биде датумот за влез во ЕУ како дел од договор за ставање крај на војната со Русија во неговата земја, надевајќи се дека тоа ќе ја зацементира Украина во главниот политички клуб во Европа и ќе понуди пат кон поголеми просперитет, безбедност и стабилност.
Јасниот пат кон членство во ЕУ би можел да биде клучен за Зеленски во убедувањето на Украинците да прифатат евентуален мировен договор, особено ако – како што се очекува – Украина не ја врати контролата врз целата своја територија или не се приклучи на НАТО, велат аналитичарите.
Но, владите на земјите-членки на ЕУ, вклучувајќи ги Франција и Германија, приватно изразиле скептицизам во врска со предложената реформа на процесот на пристапување што би го скратила патот на Украина кон членството, велат дипломатите. Ројтерс разговарал со осум европски дипломати и функционери, а многумина посочиле на вознемиреноста во европските престолнини околу идејата.
Едно од стравувањата е дека Украина и другите земји нема да продолжат со реформите, како што е борбата против корупцијата, доколку веќе им е доделено членство во ЕУ.
Вицепремиерот на Украина и главен преговарач на ЕУ, Тарас Качка, изјавил за Ројтерс дека Киев е подготвен да одговори на загриженоста на земјите-членки. Тој предложил заштитни мерки, како што е систем за следење за да се провери дали Киев ги почитува демократските стандарди, како и транзициски период пред Украина да почне да добива земјоделски субвенции од ЕУ.
Сепак, тој истакнува дека политичкото ветување во врска со датумот на членство е важно. „Ова е неопходно за мировниот процес, за воспоставување долгорочен и праведен мир во Европа“, смета тој.
Ројтерс објави дека актуелниот процес на пристапување во ЕУ е обично долг и бирократски, дури и во поедноставни случаи, и вклучува години детални преговори и правни реформи за да се исполнат демократските и економските стандарди на ЕУ.
Секој чекор во пристапниот процес, кој е поделен на поглавја и кластери на јавни политики, исто така бара согласност од сите земји-членки. Унгарија веќе го блокираше напредокот на Украина на почетокот на процесот.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен ја презентираше идејата за промена на тој процес во внатрешни дискусии, според дипломатите.
Наместо прво да се спроведат сите потребни реформи, една земја би можела да се приклучи на ЕУ откако ќе ги исполни минималните услови, но со ограничен пристап до средства и донесување одлуки сè додека не ги исполни сите критериуми за членство.
Ројтерс пишува дека ова би можело да го олесни побрзиот влез на Украина и други земји како Молдавија, Црна Гора и Албанија, иако целта на Зеленски од 1 јануари 2027 година сè уште би била нереална, особено затоа што сите 27 сегашни членки на ЕУ мора да ратификуваат каков било договор за пристапување.
Качка посочива дека Украина би можела барем да потпише договор за пристапување со ЕУ следната година, иако ратификацијата и другите чекори би барале повеќе време за спроведувањето.
Сепак, како што пишува Ројтерс, аналитичарите и дипломатите гледаат мала подготвеност за вакви смели потези, вклучително и предложената реформа на Урсула фон дер Лаен, позната како „обратно проширување“, бидејќи го менува процесот со тоа што ѝ дозволува на земјата да се приклучи пред да ги исполни сите постоечки критериуми.
„Поради растечката поддршка за популистичките и анти-проширувачките партии во неколку престолнини, владите се претпазливи кога станува збор за забрзување на процесот за кој сè уште не изградиле јавна поддршка“, вели Анастасија Почијумбан од Германскиот совет за надворешни односи.
„Концептот на обратно проширување е мртов“, кажал еден дипломат на ЕУ. „Исто така, нема поддршка за одредување на конкретен датум на пристапување“.
„Украина едноставно не е подготвена, а корупцијата е широко распространета“, вели еден западноевропски функционер.
Фон дер Лаен се обиде да ги ублажи очекувањата во Украина минатата недела. Таа јавно му кажа на Зеленски дека „датумите сами по себе не се можни“, иако во исто време ги пофали реформите кои земјата ги спроведува во средината на војната.
И покрај ова, според Ројтерс, се очекува ЕК да продолжи да се залага за начини за пристапување на Украина кон ЕУ во следните неколку години, тврдејќи дека членството би ја зајакнало Унијата воено, во време кога расте стравот дека Москва би можела да нападне една од земјите-членки на ЕУ.
Некои сметаат дека моделот на постепена интеграција, според кој земјите-кандидатки учествуваат во сè поголем број програми и состаноци на ЕУ пред формалното пристапување, би можело да биде поизводлив.
„Мислам дека полноправното членство во следните неколку години е сè уште малку веројатно“, вели Корина Стратулат, заменик-директорка на Европскиот политички центар, зборувајќи за перспективите на Украина.
„Она што е поверојатно е забрзана интеграција – пристап до единствениот пазар, соработка во областа на енергетиката, дигиталната политика, сообраќајот – постепено учество во програмите и политиките на ЕУ“.






