Поранешниот претседател на САД Бил Клинтон и Хилари Клинтон, демократска претседателска кандидатка во 2016 година, ќе сведочат во конгресната истрага за сега покојниот сексуален престапник Џефри Епстин, соопшти еден член на персоналот.
Таа одлука би можела да го спречи планираното гласање во Претставничкиот дом, кој е под контрола на републиканците, со кое двајцата истакнати демократи би биле прогласени за виновни за непочитување на Конгресот, што би можело да доведе до кривични обвиненија, пренесува агенцијата Ројтерс.
Неодамнешното објавување милиони интерни документи на американското Министерство за правда што се однесуваат на Епстин ги откри врските на сега покојниот финансиер и сексуален престапник со многу истакнати личности од политиката, финансиите, академската заедница и бизнисот — и пред и по 2008 година кога ја призна вината по обвиненијата за проституција.
Запрашан дали Претставничкиот дом ќе го укине гласањето за непочитување на Конгресот против Клинтонови, претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон изјави за Ројтерс: „На тоа работат токму сега. Адвокатите ги разгледуваат деталите“.
Џонсон претходно ја поздрави веста дека поранешниот претседател и поранешната државна секретарка се согласиле да сведочат.
Комитетот за надзор на Претставничкиот дом минатата недела препорача Клинтонови да бидат прогласени за виновни за непочитување на Конгресот поради одбивањето да сведочат за својот однос со Епстин. Клинтонови понудија соработка со комитетот, но одбија да се појават лично, наведувајќи дека истрагата е партиска вежба чија цел е заштита на републиканскиот претседател Доналд Трамп.
„Под заклетва ви кажаа што знаат, но тоа не ве интересира. Но поранешниот претседател и поранешната државна секретарка ќе бидат таму. Со нетрпение очекуваат да постават преседан што ќе се применува на сите“, напиша на социјалните мрежи заменик-шефот на кабинетот на Клинтонови, Анхел Урена.
Бил Клинтон повеќепати летал со авионот на Епстин во раните 2000-ти, по заминувањето од функцијата. Тој изрази жалење поради таа врска и изјави дека не знаел ништо за криминалните активности на Епстин.
Републиканскиот конгресмен Џејмс Комер, кој претседава со Комитетот за надзор на Претставничкиот дом, изјави дека Клинтонови сè уште не дале датум за давање исказ и дека со членовите на комитетот ќе разговара за следните чекори.
„Правните застапници на Клинтонови рекоа дека се согласуваат со условите, но тие услови сè уште не се јасни и не понудија никакви датуми за давање исказ“, изјави Комер.
„Ќе ги разјаснам условите на кои се согласуваат, а потоа со членовите на комитетот ќе разговарам за следните чекори“.






