Бајден во интервју објавено на 5 август кажа дека Епстајн „се запознал со Меланија и (Доналд) Трамп“ и дека врските меѓу нив биле „широки и длабоки“.
Веднаш следниот ден, адвокатот на Меланија, Алехандро Брито, испрати писмо до Хантер Бајден и неговиот правен застапник, барајќи „веднаш да ја повлечат лажната, клеветничка и провокативна изјава“ за сопругата на американскиот претседател.
Во писмото се наведува дека изворот на оваа лажна информација е „серискиот лажго Мајкл Волф“ и неговата статија во таблоидот Дејли бист. Брито додаде дека весникот ја избришал целата статија и упатил извинување до првата дама, но дека Хантер Бајден „злонамерно избрал“ сепак да ја повтори клеветата.
„Со оглед на вашата долга историја на злоупотреба на имиња – почнувајќи од вашето – за лична корист, јасно е дека ги објавивте овие лажни и клеветнички изјави за госпоѓа Трамп за да привлечете внимание кон себе“, се вели во писмото, кое го објави Фокс њуз.
Според адвокатот на првата дама на САД, во изјавите на Бајден постојат неоспорни докази за „вистинска злоба“, што е американскиот правен стандард за клевета. Доколку нема јавно извинување и повлекување на сите клеветнички изјави до 7 август оваа година, Хантер ќе се соочи со тужба за отштета од повеќе од 1 милијарда долари, се наведува во писмото.
Покрај Дејли Бист, и демократскиот оперативец Џејмс Карвил ѝ се извини на првата дама, за повторувањето на обвинувањата на Волф во својот подкаст.
Епстајн е контроверзен инвестициски банкар кој со години ги пречекувал богатите и славните на својот приватен карипски остров во придружба на малолетни девојки. Обвинет за педофилија и подведување, тој наводно извршил самоубиство во затвор во 2019 година. Листата на неговите „клиенти“ сè уште не е објавена, а демократите тврдат дека Трамп ја крие бидејќи неговото име е на неа. Американскиот претседател го негира ова.
Хантер е помладиот син на Џо Бајден, кој со години живее од семејното презиме. Иако е докажано дека странски влади и компании му платиле да купи влијание во Вашингтон и дека нелегално купувал оружје под дејство на тешки дроги, тој добил општо помилување од својот татко пред Трамп да се врати во Белата куќа. Сепак, ова не му дава имунитет од приватна тужба за клевета.






