Приоритетите на кипарското претседавање ќе бидат автономија преку безбедност, одбранбена подготвеност и подготвеност за дејствување, автономија преку конкурентност, автономност и отвореност кон светот, автономна Унија на вредности што никого не остава настрана и долгорочен буџет на автономната Унија.
Во согласност со приоритетите, мотото на кипарското претседавање „Автономна Унија. Отворена кон светот“ го одразува, како што се наведува на официјалната интернет-страница на кипарското претседателство со ЕУ, визионерскиот пристап што ја комбинира внатрешната сила и независност со отвореност, соработка и глобален ангажман.
Во рамките на третиот приоритет – автономна и кон светот отворена Унија – се истакнува дека проширувањето на ЕУ е во центарот на тој потфат.
„Од Украина до Молдавија, од Западен Балкан до Турција, проширувањето е најмоќната геополитичка алатка на ЕУ. Во суштина, станува збор за проширување на нејзиниот витален простор на безбедност, стабилност и можности“, се наведува.
Претставувајќи ги во декември приоритетите, логото и мотото на претседавањето со ЕУ, кипарскиот претседател Никос Христодулидис изјави дека Европа и порано се соочувала со сложени кризи, па дури и егзистенцијални, и дека морала да одговори преку сопствен развој. Тој додаде дека новите обележја на денешните предизвици се интензитетот, плурализмот и сложеноста.
„Автономијата е следниот чекор во еволуцијата на проектот на европската интеграција. Потребна ни е Европа без поделби“, истакна кипарскиот претседател.
Во врска со проширувањето, Христодулидис рече дека проширената Унија е посилна и побезбедна Унија и дека проширувањето е геостратегиска неопходност и инвестиција во европската иднина.
„Заедно мораме да продолжиме да работиме на повторното обединување на Европа. Кипарското претседателство ќе работи посветено на унапредувањето на проширувањето“, истакна тој во пораката пред преземањето на претседавањето.
За време на своето второ претседавање со ЕУ, Кипар, како што е најавено, ќе дејствува како одговорен и чесен посредник и тесно ќе соработува со Европскиот парламент и Европската комисија за да ги претвори предизвиците во можности и да обезбеди амбициите да бидат проследени со дејства и опипливи резултати.
Свеченото отворање на кипарското претседавање со Европската Унија е планирано за 7 јануари во Никозија.
Со кипарското претседавање завршува осумнаесетмесечната програма на триото претседавања – Полска, Данска и Кипар.
На крајот на јуни 2026 година, Кипар ќе ѝ го предаде ротирачкото претседавање со Советот на Европската Унија на Ирска.






