четврток, 15 јануари 2026

Кинеските универзитети го претекнуваат Западот, американските паѓаат на ранг-листите

Кинеските универзитети бележат силен подем на светските академски ранг-листи, додека водечките американски институции, вклучително и Харвард, постепено ја губат доминацијата. Според глобалните рангирања базирани на научни трудови и истражувања, кинескиот Универзитет Џеџјанг сега е на првото место, а во првите десет се дури седум кинески универзитети, вели Њујорк тајмс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Кинеските универзитети бележат силен подем на светските академски ранг-листи што ја мерат научната продукција, додека водечките американски институции ги губат позициите, покажува анализата на Њујорк тајмс. Харвард, кој со години беше најпродуктивниот универзитет во светот според бројот и влијанието на научните трудови, неодамна падна на третото место. Неговата позиција сега е разнишана, што претставува уште еден показател за поширок и загрижувачки тренд во американското високо образование.

Универзитетите што брзо се искачуваат на врвот на ранг-листата не се американски, туку кинески институции, кои со години бележат стабилен раст на листите што ги нагласуваат количеството и квалитетот на научните истражувања.

Ова преструктурирање доаѓа во период кога администрацијата на претседателот Доналд Трамп значително ги намалува федералните средства за научни истражувања на американските универзитети, кои во голема мера зависат од државно финансирање. Иако овие политики не го започнаа релативниот пад на американските универзитети – процес што трае со години – експертите предупредуваат дека тие можат сериозно да го забрзаат.

„Се случува голема промена, нешто како нов светски поредок во доминацијата на високото образование и научните истражувања“, изјави Фил Бејти, главен директор за глобални прашања во британската организација Тајмс хајер едукејшн, која изработува една од најпознатите светски универзитетски ранг-листи.

Кинескиот подем

Ако се вратиме во раните 2000-ти години, глобалните ранг-листи базирани на научна продукција изгледаа сосема поинаку. Тогаш меѓу првите десет беа седум американски универзитети, со Харвард на првото место. Само еден кинески универзитет – Универзитетот Џеџјанг – успеваше да се пласира меѓу првите 25.

Денес, Универзитетот Џеџјанг е рангиран на првото место според Лајден ранг-листата, која ја изработува Центарот за студии на науката и технологијата при Универзитетот во Лајден, Холандија. Покрај него, уште седум кинески универзитети се меѓу првите десет во светот.

Иако Харвард денес произведува значително повеќе научни истражувања отколку пред две децении, сепак падна на третото место. Тој останува единствениот американски универзитет што се наоѓа блиску до врвот на оваа листа, и сè уште е прв по бројот на најцитираните научни трудови.

Проблемот за американските универзитети не е пад на продуктивноста. Универзитетите како Мичиген, Калифорнија – Лос Анџелес, Џонс Хопкинс, Универзитетот во Вашингтон – Сиетл, Пенсилванија и Стенфорд денес произведуваат повеќе научни трудови отколку во минатото. Но растот на кинеските универзитети е значително побрз.

Како се мерат ранг-листите

Лајден ранг-листата се базира на податоци од базата „Веб оф сајенс“, која ги следи научните трудови и цитати во илјадници академски списанија низ целиот свет. Многу од тие списанија се тесно специјализирани, но имаат големо значење во научната заедница.

Иако глобалните универзитетски ранг-листи традиционално не привлекуваат големо внимание во САД, вели Њујорк тајмс, некои искусни академици сè почесто укажуваат дека растот на кинеската научна продукција е реален и дека Америка постепено заостанува.

Фото: Пиксабеј

Рафаел Рајф, поранешен претседател на Масачусетскиот институт за технологија, изјави дека „бројот и квалитетот на научните трудови што доаѓаат од Кина се извонредни и ја надминуваат американската продукција“.

Глобалниот контекст

Универзитетите во други земји внимателно ги следат овие ранг-листи, гледајќи ги како показател за академска моќ и напредок во однос на САД. Универзитетот Џеџјанг јавно ги истакнува своите позиции, а кинеските државни медиуми редовно го слават растот на националните универзитети.

Центарот во Лајден изработува и алтернативна ранг-листа базирана на друга база на податоци, каде што Харвард сè уште е на првото место, но од следните 13 универзитети, 12 се кинески.

Кинеските истражувачи сè повеќе објавуваат во англискојазични списанија што имаат глобално влијание, што дополнително го зголемува нивниот број на цитати.

Претседателот Си Џинпинг во 2024 година јавно изјави дека научната и технолошката револуција е директно поврзана со натпреварот меѓу светските сили и дека глобалната моќ зависи од научната доминација.

Американските предизвици

Американските универзитети се соочуваат со дополнителен притисок поради намалувањето на федералните научни грантови, рестрикциите за визи и падот на бројот на странските студенти. Во август 2025 година бројот на странските студенти во САД беше за 19 проценти помал во однос на претходната година.

Истовремено, Кина вложува милијарди долари во високото образование и воведе специјални визи за дипломирани студенти од врвни светски универзитети во областа на науката и технологијата.

Си Џинпинг јасно ги образложи причините за инвестициите на земјата, тврдејќи дека глобалната моќ на една држава зависи од нејзината научна доминација.

„Научната и технолошката револуција се испреплетени со играта меѓу суперсилите“, рече тој во говор во 2024 година.

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп, пак, тргна по спротивен пат, со намера да скрати милијарди долари од средствата за научни истражувања на американските универзитети.

Претставници на администрацијата на Трамп тврдат дека кратењата имаат цел да се елиминира расипништвото и да се пренасочи научното истражување подалеку од теми поврзани со различноста и со други области што тие ги сметаат за премногу политизирани.

Администрацијата на Трамп не одговорила на барањето за коментар за овој текст.

Додека Кина бележи силен напредок во дисциплини како хемијата и науките за животната средина, Соединетите Држави и Европа и понатаму доминираат во други области, како општата биологија и медицинските науки. Истовремено, една студија укажува дека кинеските истражувачи ги зголемуваат своите цитатни показатели и преку почесто меѓусебно цитирање, додека западните истражувачи поретко го прават тоа меѓу себе.

Иако американските универзитети и понатаму доминираат во некои пошироки ранг-листи што ги земаат предвид репутацијата, финансиите и Нобеловите награди, експертите предупредуваат дека ерозијата на академската надмоќ е реална и долгорочна, заклучува Њујорк тајмс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ