Претходно овој месец јапонската премиерка Санае Такаичи изјави дека Токио би можел да реагира воено во случај на кинески напад врз Тајван, автономен остров во близина на јапонскиот брег.
Кина полага право на островот и го смета за своја територија, а последниве години организираше воени вежби во водите околу него.
Јапонскиот министер за одбрана Шинџиро Коизуми кон крајот на минатата недела изјави дека плановите за распоредување ракети земја-воздух со среден дострел во воената база на јапонскиот остров Јонагуми, околу 110 километри од источниот брег на Тајван, постојано напредуваат.
Јапонското Министерство за одбрана наведе дека одлуката е донесена со уверување дека „ја намалува веројатноста од оружен напад врз самата Јапонија“, пишува хонгконшкиот весник Саут Чајна морнинг пост.
Кинеското министерство за надворешни работи веќе го критикуваше овој потег, а Министерството за одбрана на Кина истакна дека начинот на „решавање на тајванското прашање“ е кинеска работа и нема никаква врска со Јапонија, која управуваше со островот од 1895 година до крајот на Втората светска војна.
Портпаролот на кинеското Министерство за одбрана, Џијанг Бин, рече дека Јапонија, наместо „длабоко да размисли за своите тешки злосторства“ на Тајван, и покрај светското јавно мислење, размислува за „заблуда за воена интервенција во Тајванскиот проток“, пренесува Ројтерс.
„Народноослободителната војска има моќни капацитети и сигурни средства да го порази секој непријател што извршува инвазија. Доколку јапонската страна се осмели да ја премине линијата дури и за половина чекор и сама си навлече проблеми, неизбежно ќе плати болна цена“, додаде Бин.






