На лицата на списокот, меѓу кои се и основачот на одбранбената компанија „Андурил индастрис“ и девет високи раководители на санкционираните компании, им е забранет и влез во Кина, се додава во соопштението. Меѓу другите погодени компании се и „Нортроп Груман системс корпорејшн“ и „Ел-Три Харис меритајм сервисес“.
До овој потег дојде откако Вашингтон минатата недела објави дека му продава на Тајван оружје во вредност од 11,1 милијарда долари – најголемиот американски пакет оружје за островот во историјата – што предизвика силна реакција од Пекинг.
„Тајванското прашање е суштината на кинеските интереси и првата црвена линија што не смее да се премине во односите меѓу Кина и Соединетите Американски Држави“, изјави денеска портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи.
„Секое провокативно дејствување што ги надминува границите во врска со тајванското прашање ќе наиде на силен одговор од Кина“, се наведува во изјавата, со повик до САД да ги прекинат „опасните“ напори за вооружување на островот.
Кина го смета Тајван, остров со демократска власт, за дел од сопствената територија, додека Тајпеј тврди дека има суверенитет. Со закон од 1979 година, САД се обврзани да обезбедат заштита на човековите права на Тајван и средства за одбрана на островот, иако ваквата продажба на оружје е постојан извор на тензии меѓу Вашингтон и Пекинг.






