Даночната реформа, најавена кон крајот на минатата година, укинува многубројни ослободувања што беа во сила уште од 1994 година, од времето на строгата политика на едно дете. Освен грижата за деца, од данокот на додадена вредност (ДДВ) се ослободени и услугите поврзани со склучување брак, како и грижата за постари лица, што е дел од поширок пакет мерки, кој вклучува продолжување на родителското отсуство и парични поддршки.
Соочен со стареење на населението и забавена економија, Пекинг интензивно се обидува да ги поттикне младите Кинези да стапуваат во брак, а двојките да имаат деца. Официјалните податоци покажуваат дека кинеското население се намалувало три години по ред, со само 9,54 милиони родени бебиња во 2024 година. Тоа е приближно половина од бројот на новородените пред десет години, кога Кина почна да ги ублажува правилата за бројот на деца.
Сепак, данокот на контрацептивни средства, вклучително и кондоми, контрацептивни таблети и помагала, предизвика загриженост поради можен пораст на несакани бремености и стапката на ХИВ, но и потсмев. Многумина истакнуваат дека ќе биде потребно многу повеќе од скапи кондоми за да бидат убедени да имаат деца.
Додека еден трговец ги повикува купувачите да се снабдат пред поскапувањето, еден корисник на социјалните мрежи се шегува: „Ќе купам кондоми за цел живот сега.“ „Луѓето можат да ја препознаат разликата меѓу цената на кондомите и цената на одгледување дете“, напиша друг.
Кина е една од најскапите земји за растење дете, според извештај на Пекиншкиот институт за истражување на населението „ЈуВа“ од 2024 година. Трошоците ги зголемуваат школарините во високо конкурентната образовна средина, како и предизвикот со кој се соочуваат жените при усогласување на работата и родителството.
„Имам едно дете и не сакам повеќе“, вели 36-годишниот Даниел Ло од провинцијата Хенан. „Тоа е како кога ќе поскапат билетите за метро. Кога ќе поскапат за еден или два јуани, луѓето што се возат со метро не ги менуваат навиките. И понатаму мораш да се возиш со метро, нели?“
Тој додава дека поскапувањето не го загрижува: „Кутија кондоми може да чини дополнителни пет јуани, можеби 10, најмногу 20. Во текот на една година, тоа се само неколку стотини јуани, сосема прифатливо.“
Сепак, трошокот би можел да биде проблем за други, што ја загрижува Рози Жао од градот Сиан. Таа вели дека поскапувањето на контрацепцијата би можело да значи дека студентите или оние што финансиски се борат ќе „преземаат ризик“, што би било „најопасниот можен исход“ на оваа политика.
Набљудувачите се поделени околу целта на даночната реформа. Демографот Ји Фусиен од Универзитетот Висконсин–Медисон смета дека идејата дека данокот на кондоми ќе влијае врз наталитетот е „претерано размислување“. Тој верува дека Пекинг е подготвен да собира даноци „каде и да може“ додека се бори со падот на пазарот на недвижности и растечкиот национален долг.
Од друга страна, Хенриета Левин од Центарот за стратегиски и меѓународни студии го нарекува оданочувањето на кондомите „симболично“ и одраз на обидите на Пекинг да ги поттикне луѓето да ги зголемат „исклучително ниските“ стапки на наталитет. Она што дополнително ги попречува напорите, додава таа, е тоа што многу политики и субвенции ќе мора да ги спроведат покраинските власти – а нејасно е дали тие ќе можат да издвојат доволно средства.
Кинескиот пристап кон поттикнување на раѓањето деца исто така ризикува да има спротивен ефект доколку луѓето почувствуваат дека државата е „премногу наметлива“ во прашање што е длабоко личен избор, вели Левин. Неодамна се појавија медиумски извештаи дека жени во некои провинции добиле повици од локални функционери што ги прашувале за нивните менструални циклуси и плановите за раѓање деца.
Набљудувачите, како и самите жени, велат дека машкото раководство на земјата не успева да ги разбере општествените промени што стојат зад овие пошироки поместувања, а кои не се исклучиви за Кина. Земјите на Запад, па дури и оние во регионот, како Јужна Кореја и Јапонија, се борат за зголемување на наталитетот додека населението им старее.
Дел од причините се товарот на грижата за децата, кој несразмерно паѓа врз жените, но и падот на бројот на браковите, па дури и на љубовните средби. Кинеските мерки го промашуваат вистинскиот проблем: начинот на кој младите луѓе денес комуницираат, кој сè повеќе избегнува вистински човечки врски, вели Ло од Хенан.
Тој укажува на растечката продажба на сексуални играчки во Кина, што е знак дека „луѓето едноставно се задоволуваат сами со себе“, бидејќи „интеракцијата со друга личност станала поголем товар“. „Младите денес се соочуваат со многу повеќе општествен стрес отколку луѓето пред 20 години. Секако, материјално им е подобро, но очекувањата што се ставаат пред нив се многу поголеми. Сите едноставно се исцрпени“, заклучува тој.






