вторник, 3 март 2026

Кина трупа воени бродови во демонстрација на сила

Кина распоредува голем број бродови на морнарицата и крајбрежната стража низ источноазиските води во најголемата поморска демонстрација на сила досега, според извори и разузнавачки извештаи во кои имал увид Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Кина е во период традиционално обележан со интензивни воени вежби, иако Народноослободителната армија не најави никакви големи, официјално именувани воени вежби.

Сепак, според Ројтерс, зголемувањето на активноста доаѓа во време кога Кина и Јапонија се во дипломатска криза, откако јапонската премиерка Санае Такаичи минатиот месец изјави дека хипотетички кинески напад врз Тајван би можел да предизвика воен одговор од Токио.

Пекинг го разгневи и минатомесечната најава на тајванскиот претседател Лаи Чинг Те за дополнителни 40 милијарди долари трошоци за одбрана за спротивставување на Кина, која го смета островот за своја територија.

Кинески бродови се групираат во водите кои се протегаат од јужниот дел на Жолто Море, преку Источнокинеско Море и надолу во спорното Јужнокинеско Море, како и во Пацификот, изјавиле четворица безбедносни претставници од регионот. Нивните сведоштва беа потврдени и од разузнавачки извештаи на една земја во регионот, до кои Ројтерс имал пристап под услов да не прецизира за која земја станува збор.

Според документите, повеќе од 90 кинески бродови дејствувале во регионот од вчера наутро, откако претходно оваа недела надминале 100. Операциите доаѓаат по масовното распоредување на кинеската морнарица минатиот декември, кога Тајван го зголеми нивото на тревога, велат изворите.

Цаи Минг Јен, генерален директор на Бирото за национална безбедност на Тајван, во средата изјави дека Кина сега е во она што обично е најинтензивен период за своите воени вежби. Тој кажа дека Кина има четири морнарички формации кои дејствуваат во западниот Пацифик од среда наутро, а Тајван внимателно ги следи.

„Затоа мораме што е можно поцелосно да го предвидиме противникот и да продолжиме внимателно да ги следиме сите промени во поврзаните активности“, кажа тој, одговарајќи на прашањето дали Кина може да спроведе нови вежби насочени конкретно кон Тајван пред крајот на годината.

Кинеското Министерство за одбрана, Министерството за надворешни работи и неговата Канцеларија за тајвански работи не одговорија на барањата за коментар.

Тајван целосно и во реално време ја следи безбедносната состојба во Тајванскиот теснец и поширокиот регион и „може да гарантира дека нема причина за загриженост кога станува збор за националната безбедност“, изјави портпаролката на претседателскиот кабинет Карен Куо.

Таа додаде дека Тајван ќе продолжи тесно да соработува со меѓународните партнери за да спречи секаков едностран потег кој би можел да ја загрози регионалната стабилност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ