петок, 5 декември 2025

Кина трупа воени бродови во демонстрација на сила

Кина распоредува голем број морнарички бродови и пловила на крајбрежната стража низ источноазиските води во досега најголемата поморска демонстрација на сила, според извори и разузнавачки извештаи до кои дошол Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Кина се наоѓа во период што традиционално е обележан со интензивни воени вежби, иако Народноослободителната армија не најави ниту една голема, официјално именувана воена вежба.

Сепак, како што пишува Ројтерс, порастот на активностите се случува во момент кога Кина и Јапонија се во дипломатска криза, откако јапонската премиерка Санае Такаичи минатиот месец изјави дека еден хипотетички кинески напад врз Тајван би можел да предизвика воен одговор од Токио.

Пекинг, исто така, беше разгневен од минатомесечната најава на тајванскиот претседател Лај Чинг-Te за дополнителни 40 милијарди долари за одбрана со цел да ѝ се спротивстави на Кина, која го смета островот за своја територија.

Кинеските бродови се собрани во водите што се протегаат од јужниот дел на Жолто Море, преку Источно Кинеско Море, па надолу кон спорното Јужно Кинеско Море, како и во Пацификот, навеле четворица безбедносни официјални лица од регионот. Нивните наводи биле потврдени и со разузнавачки извештаи од една земја во регионот, во кои Ројтерс имал увид под услов да не се открие за која земја станува збор.

Според тие документи, до вчера наутро во регионот дејствувале повеќе од 90 кинески брода, откако претходно оваа недела, во еден момент, нивниот број надминувал 100. Овие операции го надминуваат масовното распоредување на кинеската морнарица од декември минатата година, поради кое Тајван го подигна нивото на готовност, навеле изворите.

Цај Минг-Јен, генерален директор на Тајванското биро за национална безбедност, во средата изјави дека Кина сега е во период што обично е најинтензивен кога станува збор за нејзините воени вежби. Тој рече дека Кина во средата наутро имала четири морнарички формации што дејствувале во западен Пацифик, а Тајван внимателно ги следи.

„Затоа мора што поопфатно да го предвидиме противникот и да продолжиме внимателно да ги следиме сите промени во поврзаните активности“, рече тој, одговарајќи на прашањето дали Кина би можела пред крајот на годината да изведе нови вежби насочени конкретно кон Тајван.

Кинеското министерство за одбрана, Министерството за надворешни работи, како и Канцеларијата за тајвански прашања, не одговориле на барањата за коментар.

Тајван целосно и во реално време ја следи безбедносната ситуација во Тајванскиот Теснец и поширокиот регион и „може да каже дека нема причина за загриженост кога станува збор за националната безбедност“, наведе во соопштение портпаролката на Претседателската канцеларија Карен Куо.

Таа додаде дека Тајван ќе продолжи тесно да соработува со меѓународните партнери за да го одврати секој еднострано преземен потег што би можел да ја загрози регионалната стабилност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ