понеделник, 9 март 2026

Кина со нова „петолетка“ за технолошки развој и иновации

Денеска во Пекинг во Собранието на народните претставници (НПК), највисокиот законодавен орган на Кина, почна годишната сесија за усвојување на новиот петогодишен план 2026-2030 година. Народните претставници во наредните денови ќе дискутираат за 15-от по ред петгодишен план за економскиот и социјалниот курс на Кина до крајот на оваа декада.

Објавено на

часот

Сподели

Владата за годинава најавува раст на БДП од 4,5 % до 5 %. Целта не е „максимален раст“, туку квалитетен, одржлив развој, истакна премиерот Ли Чијанг. На денешната пленарна седница присуствуваше и Си Џинпинг, претседателот на Кина.

Фокусот на петгодишниот план е ставен на технолошкиот развој и иновациите, особено на вештачка интелигенција, полупроводниците, квантните технологии, биотехнологијата, роботиката и новите технологии.

Приоритет ќе имаат политиките поврзани со социјалната кохезија, намалување на разликите помеѓу урбаните и руралните региони и продолжување на напорите за заштита на животната редина и производството на зелена енергија. Петолетката предвидува редукција на ЦО₂ емисии по единица БДП за околу 17% и целосна поддршка на чистата енергија, обновливите извори и на еколошката инфраструктура.

Планот ги нагласува подобрувањето на квалитетот на животот и продолжувањето на очекуваниот животен век на 80 години.

Оваа сесија е дел од годишните „Две сесии“ — обединет собир на Собранието на народните претставници​ и на Народната политичка консултативна конференција​ (НПКК), водечка политичка консултативна организација, кои даваат важни сигнали за политичкиот и економскиот курс на Кина во следните години.

Оваа „петолетка“ планира намалување на фокусот на масовен раст и поголем раст на висококвалитетниот развој, што значи помалку зависност од традиционалните индустрии и простор за структурни реформи. Ова е значајна промена, која може да рефлектира на глобалните пазари — особено ако Кина почне да инвестира повеќе во новите технологии, наместо само во инфраструктурни проекти или извоз.

Кина планира да ја намали зависноста од увоз, особено во критични технологии како чипови и напредни производствени капацитети. Тоа може да го намали извозниот притисок што го има врз глобалните пазари.

Просечната годишна стапка на раст на инвестиции во истражување и развој планирана е да биде над 7 %. Планирано е зголемување на просечниот број години на образование за работоспособното население на 11,7 години; подобрување на политиките за бесплатна предучилишна настава и зголемување на капацитетот на средните училишта; зголемување на финансиската субвенција за здравствено осигурување по жител.

Ова подразбира развој на клучните индустрии: интегрирани кола (чипови), аеронаутика, биомедицина, квантни технологии, „вештачка интелигенција +“…

Александар Дамовски,

Пекинг

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ