„Кинеската војска целеше кон германски авион со ласер. Доведувањето во опасност на германскиот персонал и попречувањето на операцијата е целосно неприфатливо. Затоа кинескиот амбасадор во Германија е повикан на разговори“, се вели во соопштението на германското Министерство за надворешни работи.
Според германските медиуми, до амбасадорот Денг Хонгбо веќе е испратена протестна нота. Инцидентот се случил пред неколку дена кога екипажот на кинеска фрегата, исто така во водите кај Јемен, употребил ласер за да го попречи летот на германски извидувачки авион.
Авионот летал како дел од мисијата „Аспидес“ на Европската Унија, која треба да ги заштити трговските бродови во Црвеното Море од напади на екстремните исламистички Хути од Јемен.
Екипажот на кинеската фрегата, како што е вообичаено, не го предупредил однапред екипажот на авионот за нивното можно приближување, туку веднаш употребил ласерско блокирање.






